X
 06.05.2023 Живот

Навалените поштенски сандачиња во Тајван се потсетник за неговата издржливост и опстанок

Од прекрасни пејзажи до комплексни згради, Тајван е островска земја посетувана од многу туристи. Затоа може да изгледа чудно што едни од најпознатите знаменитости се две скромни поштенски сандачиња.

Сандачињата се наоѓаат во областа Зонгшан во градот Тајпеј и тие ја освоија имагинацијата на јавноста благодарение на нивниот изглед. За разлика од повеќето поштенски сандачиња, овие две, познати како „Мало црвено“ и „Мало зелено“, се навистина навалени. Но, освен што се симпатични, тие раскажуваат и многу подлабока приказна.


Поради својата локација, Тајван е подложен на тајфуни, па годишно е погоден од три или четири циклони. Во 2015 година тајфунот „Соуделор“ го погоди островот. При невремето силниот ветер откачил билборд кој удрил во поштенските сандачиња. Столбовите на сандачињата се свиткале, но не се срушиле.

По завршувањето на бурата, жителите на Тајпеј ги нашле поштенски сандачиња и буквално се заљубиле во нив. Не само што изгледале симпатично, туку биле и доказ и симбол на издржливоста и опстанок.

Социјалните мрежи за брзо време дознаа за овие нови знаменитости, па луѓето почнаа да ги посетуваат. За кратко време социјалните мрежи беа преплавени со забавни фотографии со новите знаменитости, слични на оние кога туристите позираат со кривата кула во Пиза. Ова ги навело властите да ја прифатат симболиката на поштенските сандачиња, па наместо да ги поправат, тие поставиле плоча која ја раскажува нивната приказна, на кинески, јапонски и англиски јазик.


- На 8 август 2015 година, тајфунот „Соуделор“ го погоди Тајван. Како резултат, бевме погодени од билборд во главите, па не можевме да се воздржиме од болка. Всушност, толку беше болно што не ни остана ништо друго освен да се свиткаме од болка. Но, издржавме и не паднавме. Мораме да го прифатиме животот и на некој начин мислам дека изгледаме поуметнички и пософистицирано. Дали ве инспириравме? Фотографирајте се со нас за да се потсетите дека сите сме преживеале на некој начин и дека можеме да истраеме без разлика на сè.

Најдобриот дел од оваа атракција на Тајпеј е што поштенските сандачиња сè уште работат. Писмата што се ставаат во нив се означуваат со посебен печат кој ги прикажува познатите тајвански навалени поштенски сандачиња.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот