X
 07.01.2023 Наша тема

„Целото слободно време го посветувам на клавирот“, вели младиот пијанист Арсениј Ангелески, добитник на над 30 специјални и први награди

Оваа година имав најмногу настапи. Најчесто тие се во состав од ДМУ- Битола, кој организира доста концерти и манифестации со цел промоција на младите музичари од тоа училиште, а исто така имав и соло рецитали и натпревари, ни споделува музичарот Арсениј Ангелески

Арсениј Ангелески е роден во 2005 година во Прилеп каде што го завршува нижото музичко образование во ООМУ „Ордан Михајлоски - Оцка“. Ученик е во трета година во Државното средно музичко училиште во Битола, во класата на проф. Татјана Божиновска.
Во својата досегашна едукација е добитник на повеќе од триесет специјални и први награди на државни и на меѓународни музички натпревари во нашата земја и надвор од нејзините граници (Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Швајцарија, Хрватска). Во 2022 настапи како солист со оркестарот на Државното музичко училиште во Битола, по повод 75-годишнината од формирањето на ДМУ Битола.

Арсениј Ангелески учествувал на повеќе семинари по пијано кај истакнати пијанисти и педагози, меѓу кои: Ана Гацева, Карл Андреас Коли (Швајцарија), Рустан Рахмедов (Турција), Катарина Крпан (Хрватска), Дино Имери. Во 2015 година учествуваше на летниот музички семинар во Врање, Србија, под менторство на проф. Зоран Имшировиќ (Унгарија) и Масако Сакаи (Јапонија). Во 2022 учествуваше на семинарот во Грожњан, Хрватска, под раководство на Катарина Крпан (Хрватска), Владимир Крпан (Хрватска), Драгомир Братиќ (Србија) и Даниел Ото (Хрватска).

Сите професори се добар пример за мене


- Со музиката се запознав преку мојата сестра Исидора и првите звуци на клавирот ги слушнав од неа, бидејќи е постара од мене 3 години. Таа веќе ги имаше основата и поставата за клавирот, така што мене ми беше многу полесно да ги разберам работите. Таа прва ме запозна со нотите и начинот на произведување звук на клавирот, така што би можел да речам дека мојата сестра е заслужна за мојата љубов кон клавирот. Освен „часовите“ од мојата сестра, моите први официјални часови ги одржав во Основното музичко училиште во Прилеп, во класата на проф. Филип Пеоски, кај кого бев 3 години, а потоа кај проф. Христина Никоска-Тасеска, кај која бев до крајот на основното училиште, а сега сум ученик во ДМУ - Битола во класата на проф. д-р Татјана Божиновска. Сите професори што сум ги имал претставуваат пример за мене и од сите сум научил многу корисни и различни работи, бидејќи секој еден професор и пијанист има различен поглед кон музиката и пијаното. Тие го пренесуваат своето знаење и го даваат својот максимум за секој млад уметник да може да ги види убавините што ги нуди овој инструмент - ни споделува Арсениј.



Својот прв натпревар го имал во Скопје во 2013 година, по што се нижат натпреварот во Босна и Херцеговина 2019 година, натпреварот во Охрид „Охридски бисери“ 2022 година и други.

- Имам настапувано во голем број градови, како во Македонија така и надвор од неа. Во Македонија имам настапувано во Прилеп, Битола, Скопје, Гевгелија, Велес, Кавадарци и други, доста натпревари во Србија, како во Белград, Врање, Шабац, Смедеревска Паланка, Аранѓеловац и други. Исто така, сум имал настапи во Босна и Херцеговина, Хрватска и Бугарија - ни посочува тој.

Година со најмногу настапи

Вели дека целото слободно време го посветува на клавирот и вежбањето бидејќи тоа е најважно за да напредува, зашто секој инструмент си бара посебна посвета и внимание.

- Иако тоа слободно време сѐ повеќе се намалува поради обврските кон училиштето и патувањата, гледам секоја минута што ја имам со клавирот да биде паметно искористена и со голема концентрација, бидејќи вежбањето и минутите што ги вложил во инструментот се тоа што го прават еден музичар посебен. Оваа година имав најмногу настапи од која било друга година. Најчесто тие се во состав од ДМУ-Битола, кој организира доста концерти и манифестации со цел промоција на младите музичари од тоа училиште, а исто така и соло рециталите што ги одржав, како и натпреварите. Сите мои нови знаења најмногу ги стекнувам од мојата сегашна проф. Татјана Божиновска, која работи беспрекорно и навистина го дава својот максимум со цел моите музички способности да можат да се подобруваат и да се надградувам и како личност и како млад уметник. Исто така, слушањето на големите виртуози и мајстори, како и анализирањето на делата што ги работам, навистина ми помага зашто отвора повеќе патишта за една композиција и дозволува таа да се види од многу различни страни - истакнува талентираниот млад музичар.



Самиот се мотивирам

Тој се стреми секој ден да го извлече својот максимум, се стреми кон поголеми успеси и поголеми достигнувања.

- За иднината рано е да се зборува бидејќи сѐ уште имам голем пат и многу препреки кои морам да ги поминам доколку сакам да го постигнам тоа што треба. Но со позитивна мисла и со бескрајната помош од моето семејство и професорката, а со многу вежбање и многу труд, сѐ е возможно. Секој настап што сум го имал, секое признание што сум го добил и секоја диплома што сум ја освоил за мене претставува успех. Од секој еден настап се учи и од секој еден настап се добива мотивација за понатаму. Самиот се мотивирам. Границите што сум си ги поставил во својата перцепција морам и знам дека ќе ги остварам еден ден. Доколку сам не се мотивираш и не си го посакуваш најдоброто за себе, тогаш тука е грешката на еден човек. Да ја искористам секоја помош и шанса што ми е понудена од најблиските околу мене, како и самата помисла дека секогаш може подобро од минатото, е доволен фактор за да можам да напредувам и да се надминувам себеси. Накусо кажано, добриот менталитет, најпозитивното и најдоброто спакувано во еден пакет претставува успех за секој еден човек во кој било аспект на животот - ни изјавува Арсениј.


Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема