X
 12.03.2021 Наша тема

Нашата пијанистка Дани Жоговска студира на престижен универзитет во Штутгарт: „По само десет минути од приемниот добив потврда дека сум примена“

Голема тремаџика сум, но тоа секогаш е позитивна трема што ја имам пред настап. На сцена ми се губи тремата и уживам во музиката што ја правам. Омилени за изведба ми се сонатите на Бетовен. Искрено, да не беше пијаното, сигурно би изучувала друг инструмент. Мислам дека патот секогаш би ме водел кон музиката, вели Жоговска

Само десет минути му биле потребни на професорот Фридеман Ригер од реномираниот универзитет за музика во Штутгарт да заклучи дека нашата млада пијанистка Дани Жоговска треба да го продолжи високото образование во неговата класа. Осумнаесетгодишната Дани преку интернет го полагала приемниот испит за универзитетот во Штутгарт, а откако завршила нејзината изведба, таа веднаш добила потврда дека е примена.
Посветена на пијаното уште од шестгодишна возраст, Дани е добитник на голем број награди на државни и на меѓународни натпревари. Таа лани матурирала во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. д-р Огненка Герасимовска-Димитровска, а веќе неколку месеци живее во колевката на класичната музика, Германија, каде што го усовршува музичкото знаење во класата на еминентниот професор Фридеман Ригер.

Во фамилија на доктори, Дани трасира нов семеен правец, занимавајќи се со музиката. Сепак, нејзината музикалност и љубов кон музиката им ја должи на родителите.

-На пијано почнав да свирам на шестгодишна возраст. Желбата ми се појави гледајќи ја мојата поголема сестра како свири која исто така посетуваше часови по пијано во музичкото училиште ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј”во Скопје. Кога таа свиреше, мене ми беше интересно да повторувам по неа и кратко потоа се запишав и јас.



Може да ни кажеш зошто го одбра Универзитетот во Штутгарт??

- Се работи за универзитет за музика и сценска уметност, еден од најреномираните и најстари универзитети за музика и уметност во Германија. Желбата да го продолжам моето усовршување во Германија ми се јави уште на почетокот од моето средно образование, благодарение на мојата професорка Огненка, која ме запозна со нејзиниот ментор, професор Волфганг Манц, кој инаку е професор на универзитетот за музика во Нинберг. Во период од четири години посетував часови кај него и научив многу за начинот на изведување, техниката и како да бидам подобар пијанист.
Сметам дека Германија, како мајка на класичната музика и како место каде што твореле Бах, Бетовен, Брахмс, Шуман, Вагнер, Малер, Лист и многу други познати композитори, важи за најдобрата локација каде што може еден класичен музичар, уметник, да се усовршува.
Иако ме примија да учам на повеќе места, јас се одлучив токму за Универзитетот во Штутгарт, во класата на проф. Фридеман Ригер, кој е реномиран пијанист со огромно педагошко искуство.

На кој начин беше примена и како изгледаше приемниот испит?

- Мојот приемен испит се состоеше од три дела: главен испит по пијано и два испита по солфеж и по теорија на музика. Приемните испити се одржуваат секоја година во јуни во универзитетот во Штутгарт, но поради пандемијата, имаше неколку промени. Главниот испит по пијано беше поделен во две етапи. Во првата етапа требаше да се пратат снимки со одредени композиции, додека втората етапа се случи во Штутгарт, за оние на кои им беше дозволено патување, а за оние што не можеа да патуваат, беше преку интернет.
Ја поминав првата етапа, а на втората етапа свирев преку интернет-платформа. Свирев во Музејот на македонската борба и изведував композиции од Бах, Бетовен, Рахманинов и Лист.
По нецели десет минути од преслушувањето на приемниот добив е-пошта од професорот во која ми честиташе за свирењето и ме покани да учам во неговата класа. Официјалната е-пошта ја добив две недели подоцна, а другите два испити по солфеж и по теорија на музика ги положив на почетокот на семестарот.



Што е тоа што те навлече на музиката. Дали потекнуваш од музичко семејство?

- На музиката се навлеков по неколку години откако почнав да го изучувам инструментот. Тогаш свирев позрели композиции каде што можев да раскажам некоја приказна и да покажам одредена емоција. Доста сум емотивна и обожавам да ги изразувам моите чувства, а и чувствата на композиторот, преку еден поинаков начин, а не со зборови.
Инаку, не потекнувам од музичко семејство, туку спротивното. Во моето семејство речиси сите се доктори и хирурзи по професија. Но, дефинитивно ја гледам музикалноста во моите родители, кои исто така учеле музика во нивната младост.

Каде се школуваше музички и што е најважното што го научи на часовите?

- Основно и средно образование завршив во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј” во класата на проф. д-р Огненка Герасимовска-Димитровска. За тие години професорката Огненка ми даде огромно знаење, посветеност и поддршка. Секогаш ми даваше мотивација и инспирација и вложуваше многу труд за да бидам пијанистот кој што сум денес. Надвор од часовите таа посветуваше многу време и за сите натпревари и концерти на кои учествував, во Македонија, а и во странство. Бескрајно сум ѝ благодарна за сè!



Колку часа на ден посветуваш на пијаното и како изгледа една твоја вежбачка рутина на инструментот?

- Дневно посветувам четири до пет часа на пијаното. Некогаш наутро, некогаш навечер, зависи од другите обврски што ги имам во денот. Најчесто навечер и со повеќе паузи, со цел да имам концентрирано и ефикасно вежбање.

Имаш ли посебни ритуали пред концерт или натпревар кои те прават самоуверена во твојата изведба?

- Искрено, немам некои посебни ритуали пред концерти и натпревари. Секогаш се трудам максимално да се сконцентрирам на настапот и на делата што ги изведувам. Голема тремаџика сум, но тоа е секогаш позитивна трема што ја имам пред настап. На сцена ми се губи тремата и уживам во музиката што ја правам. Омилени за изведба ми се сонатите на Бетовен. Искрено, да не беше пијаното, сигурно би изучувала друг инструмент. Мислам дека патот секогаш би ме водел кон музиката.



Каков е твојот досегашен впечаток за Штутгарт?

Штутгарт има неверојатна природа. Во слободно време шетам низ многуте паркови и уживам во чистиот воздух. Поголем дел од времето сум на универзитетот. Вежбам многу, а дел од предавањата се со физичко присуство. Универзитетот има соби за вежбање и сите се со по два клавира, така што тука сум цело време.



Како ја замислуваш својата иднина, како концертен пијанист или како професор?

- Моментално главната цел ми е да се изградам како еден квалитетен концертен пијанист, но секако би сакала понатаму и да го споделувам моето знаење на помалите генерации.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема