X
 07.03.2023 Живот

Оние кои ќе влезат во Велика Британија со мали чамци нема да можат да бараат азил

Британската Влада денеска објави детали од новиот закон со кој на барателите на азил им се забранува влез во земјата со помош на мали чамци.

Според новиот закон, сите што ќе пристигнат со мали чамци нема да можат да бараат азил и ќе бидат депортирани во таканаречените безбедни трети земји.

Мерката ја осудија хуманитарни организации кои им помагаат на бегалците, тврдејќи дека може да криминализира илјадници бегалци.

Премиерот Риши Сунак го нарече запирање на пристигнувањето на бродови како еден од петте клучни приоритети на неговата влада, откако бројот на мигранти кои пристигнаа на јужниот брег на Англија минатата година се искачи на повеќе од 45.000, а околу 90 отсто побараа азил.

-Тие нема да престанат да доаѓаат овде додека светот не дознае дека ако нелегално влезете во Британија, ќе бидете притворени и брзо вратени назад. Овој закон дозволува илегалците да бидат притворени без кауција или судска ревизија во првите 28 дена од притворот до нивното заминување - изјави британската министерка за внатрешни работи Суела Браверман.

Добротворната организација Совет за бегалци соопшти дека десетици илјади вистински бегалци на кои претходно им бил одобрен азил ќе бидат „затворени како криминалци“, што ќе ги „урниса“ обврските на Велика Британија согласно Конвенцијата на ОН за бегалци, додека Браверман тврди дека законот е компатибилен со меѓународните обврски.

Поранешниот британски премиер Борис Џонсон минатата година договори испраќање на десетици илјади мигранти во Руанда, која е оддалечена повеќе од 6.400 километри од Британија, а Европскиот суд за човекови права ја блокираше депортацијата непосредно пред да полета првиот авион со бегалци.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот