X
 08.02.2022 Здравје

Ковид-сертификатите по прележана болест да се зголемат на 180 дена, препорача Комисијата за заразни болести

Комисијата препорачува повторно да се направи скрининг во училиштата за да се види трансмисијата на вирусот, а дел од тестовите да се користат за оние ученици кои биле изложени на инфекција доколку во нивниот клас има детектирано позитивен случај.

Комисијата за заразни болести предлага важноста на ковид-сертификатот по прележана болест наместо досегшаните 45 дена да биде 180 дена. Д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, рече дека оваа препорака се дава за да се усогласи важноста на ковид-сертификатите со важноста на оние во другиоте земји во светот и во Европската унија. Тој објасни дека важноста на сертификатот ќе важи од денот на позитивниот ПЦР тест.

Во врска со укинувањето на сертификатите кои важат за контрола на движње на граѓани во затворен простор, каде е најголема трансмисијата на ширење на вирусот, тој рече дека со укинување на сертификатите ќе се направи многу поголема трансмисија на вирусот, без оглед на искуството кое го практикуваат Велика Британија, Данска и другите земји. Имунитетот преку имунизација и прележување кај нив е значително поголем отколку кај нас, кај нас со две дози се вакцинирани 40 отсто од населението, рече тој и додаде дека во Данска 85 проценти од населението е вакцинирано или во Велика Британија над 80 проценти е вакцинирано населението.

Тој објасни дека за да се примени оваа мерка, која се практикува во другите земји, треба да се види и каква е епидемимиолошката состојба во тие земји и ако тоа одговоара на состојбата кај нас таа да се примени.

Нема логика да се укинат ковид сертификатите, кога е голема трансмисијата на вирусот

-Во овој момент нема логика тоа да биде направено. Ковид-сертификатите ги штитат оние што не може да ги имаат. Не зборувам за лажни сертификати, туку за оние што се дадени по прележување или по вакцинација. Да им се оневозможи на оние лица кои немаат имунитет да влезат во простории каде ќе го ризикуваат здравјето и ќе се заразат - рече Мехмедовиќ.

Комисијата за заразни болести препорачува протоколите за лекување на пациенти со ковид да бидат објавени на веб-страниците на Министерството за здравство и на Лекрската комора, а матичните лекари да бидат искомуницирани за да можат полесно да имаат пристап до протоколите.

-Комисијата препорачува да се напарви повторно скрининг во училиштата за да се види трансмисијата на вирусот, а дел од тестовите со кои располага да се користат за тестирање на оние ученици кои биле изложени на инфекција доколку во нивниот клас има детектирано позитивен случај. Целта на ова тестирање е ако децата не се позитивни да продолжат да одат во училиште - рече д-р Мехмедовиќ.

Тој објасни дека сега скринингот во училиштата ќе се прави по нова методологија и за кусо време ќе излезат со правилата како тој да се изведува.

-Немаме разговарано за неносење маски во училиштата, такво барање до нас не е стигнато. Препораката од СЗО е да се носат маски во сите затворени простории, вклучително и училиштата - рече Мехмедовиќ во одговор на новинарско прашање.
Подготвил: Елица Бочвароска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје