X
 09.03.2020 Образование

Утре истекува рокот. Потребни се пет авиобилети до Будимпешта за учениците да стигнат на престижната Олимпијада по хемија

Проблемот е што државата нема системско решение за финансирање на овие натпревари, а организаторот, Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, е непрофитна организација

Ако до утре не се обезбедат пари за пет авиобилети до Будимпешта, најдобрите ученици по хемија нема да заминат на најпрестижната хемиска олимпијада „Менделеев“, која кон крајот на април ќе се одржи во метрополата на Унгарија. Потребни се само авионски билети за четири ученици и нивниот ментор.

Проблемот е што државата нема системско решение за финансирање на овие натпревари, а организаторот, Сојузот на хемичари и технолози на Македонија, е непрофитна организација и нема ресурси. Поради изборите, оневозможена е и помошта од неколку државни институции кои вообичаено им даваат поддршка.

Од минатогодишната Меѓународна олимпијада по хемија

Учениците интензивно се подготвуваат од јануари. Подготовките им ги држат ментори, членови на СХТМ и вработени на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

- Во текот на зимскиот распуст можевме повеќе да се посветиме на работата со учениците, а и тие беа слободни од наставни обврски. По завршувањето на распустот активностите се реализираа секој петок и сабота – објаснува доц. д-р Миха Буклески, ментор на учениците.

Подготовките вклучуваат теоретски предавања и решавање комплексни проблеми од различни напредни области од хемијата и лабораториски подготовки. Според Буклески, важно е најнапред учениците да се стекнат со основните експериментални вештини за потоа да може да се насочат кон решавање конкретни практични (експериментални) проблеми. Селекционите натпревари се одржаа пред неколку дена. Денеска се сумираат резултатите и конечните имиња ќе се знаат вечерва, најдоцна до утре, кога истекува и рокот за пријавување на „Менделеев“.

- За среќа, за Менделеевата олимпијада не се плаќа котизација за учество. Потребно е да се обезбедат финансии само за патните трошоци на тимот, кој вклучува еден ментор и четворица натпреварувачи. Олеснителна околност е што годинава олимпијадата ќе се одржи во Будимпешта, така што патните трошоци се минимални. За жал, досега немаме обезбедено никакви финансии. Работата дополнително се комплицира со спроведување на вонредните парламентарни избори, така што поддршката од државните институции е доведена во прашање - објаснува Буклески.

Миха Буклески (прв од десно кон лево) со тимот

Учениците досега ги користеа само ресурсите од Институтот за хемија. На располагање им беа опремата и лабораторискиот инвентар кои се користат за изведување практична настава за студентите.
- Проблем е потрошниот материјал, односно хемикалиите. Нивната цена е висока, а и периодот за испорака кај нас е долг. Од минатата година СХТМ успеа да набави некои хемикалии и малку дополнителна опрема, но ни оддалеку тоа не е доволно за да се задоволат потребите за подготовките - објаснува Буклески.

Менделеевата олимпијада е најстарата хемиска олимпијада, а годинава ќе се одржи 54. издание. Воедно е и најпрестижната хемиска олимпијада и е позната по тежината на проблемите. Тоа е и причината поради која не е многу популарна во светот и на неа учествуваат околу 30 држави, наспроти 80 кои учествуваат на Интернационалната олимпијада по хемија - IChO. Според статистиката, 90 % од добитниците на медали на оваа олимпијада се добитници на медали и наIChO.

- Важноста за нашето учество е пред сè од стратешки причини. Таа претставува добар начин нашите ученици да ја искусат реалната атмосфера на еден меѓународен натпревар и да соберат искуство за IChO. Досегашното наше скромно искуство со учество на меѓународните натпревари покажува дека учесниците освојуваат медали по нивното второ или трето учество - објаснува Буклески.

Стефан Дамчевски (десно) лани освои медал на „Менделеев“, а потоа освои медал и на IChO

По пауза од пет години, минатата година Македонија повторно се врати на престижното натпреварување. Иницијативата беше на СХТМ, особено што 2019 беше прогласена за меѓународна година на Периодниот систем на Менделеев, а олимпијадата се одржуваше во Санкт Петербург- градот во кој Менделеев живеел и работел.
- Нашиот натпреварувач Стефан Дамчевски успеа да освои бронзен медал. Со тоа ја оправдавме довербата на нашите тогашни спонзори за поддршката што ни ја дадоа - вели Буклески.

Тој додава дека СХТМ неколкупати укажувал до Министерството за образование и наука да се најде заедничко решение и да се обезбеди сигурна финансиска поддршка за меѓународните натпревари.
- Неколку години по ред Агенцијата за млади и спорт излегува пресрет преку средства што им ги доделува на учесниците, но тука се и АрсЛамина и Ре-Медика, кои исто така неколкупати ни излегле во пресрет. Да не ги заборавиме и дел од општините од каде што доаѓале некои од натпреварувачите. Сите тие извори на финансирање се непостојани и зависат од моменталната состојба на фирмите и поединците. Она што ние го бараме е да имаме сигурен систем на финансирање кој ќе овозможува покривање барем на патните трошоци и трошоците за котизација (за IChO). Со други зборови, бараме сигурност дека финансиите нема да бидат проблем за учество на олимпијадите - вели Буклески.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование