X
 10.08.2017 Образование

Интервју со Владимир Кољозов, продекан за настава на Факултетот за дизајн во Скопје: Десетте најдобро рангирани кандидати ќе добијат стипендија за првата година

Фактот што во компаниите се вработени кадри што дипломирале на нашиот факултет, а некои од нив се наоѓаат на битни и клучни раководни места, ни кажува дека сме на вистинскиот пат



Пред почетокот на новата учебна година, Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер е подготвен за нови предизвици. Збогатување на практичната настава, формирање алумни-здружение на сите речиси 300 дипломирани студенти на прв циклус во шесте години постоење на факултетот, организирање саем за вработување во соработка со приватните компании, ова се само дел од активностите што еден од помладите факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ги планира во наредниот период.

Разговаравме со продеканот за настава, Владимир Кољозов.

Факултети.мк: Што ново ќе понуди Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер во новата учебна година? Дали можеби има некоја нова програма?

-Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер во учебната 2017/18 година на матурантите и на сите останати заинтересирани кандидати ќе им понуди запишување на некоја од двете студиски програми од прв циклус на студии, тоа се студиската програма инженерство на мебел и дрво и студиската програма дизајн на мебел и ентериер. Двете студиски програми се релативно нови, воведени се во учебната 2013/14 година. Студиските програми и наставните дисциплини ги следат современите текови на полето на дизајнот и технологијата на мебел и ентериер. Траењето на студиите е 4 години (8 семестри), а со дипломирањето студентите се стекнуваат со академскиот назив дипломиран инженер по дизајн и технологии на мебел и ентериер. Со завршени четиригодишни студии кандидатите имаат можност да се запишат на едногодишни студии од втор циклус.

Факултети.мк: Какви се Вашите очекувања во однос на бројот на студентите? Каков е трендот во последните години?

-Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер е една од најмладите членки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и функционира како посебна единица шест години. Во тој период интересот за студирање на факултетот е забележителен, што може да се заклучи и преку бројот на запишани кандидати на студиите од прв циклус. Изминатите години на конкурсите за запишување во прва година редовно се пополнуваа сите слободни места во квотата финансирана од државата, а значително се пополнува и квотата со кофинансирање. Очекуваме оваа година да се задржи оваа тенденција. Според конкурсот за учебната 2017/18 година, објавени се 80 слободни места во државната квота и 45 места во квотата со кофинансирање. Покрај тоа, факултетот нуди можност за запишување на 10 вонредни студенти. Треба да се напомене дека десетте најдобро рангирани кандидати ќе добијат стипендија од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, со која ќе бидат ослободени од плаќање на партиципација во првата студиска година.

Факултети.мк: Што ви е приоритет во однос на наставата за учебната 2017/2018 година?

-Управата на факултетот, заедно со сите вработени, работи посветено за да се реализира наставно-образовниот процес, како основна функција на факултетот. Се води грижа за непречено одвивање на наставата, спроведување на редовните обврски како на студентите така и на наставниците, во согласност со студиските програми и плановите на наставните дисциплини.

Посебна заложба на факултетот во изминатите години, а секако и во наредната учебна година, ќе биде подобрување на можностите на студентите за стекнување практично искуство. Уште со воведување на студиските програми од прв циклус предвидено е задолжително спроведување на практична настава за студентите од трета и четврта година, во траење од 30 дена во текот на учебната година. Условите за реализација на практичната настава се флексибилни и студентите можат да ја извршат и во текот на летните месеци. За потребите на практичната настава Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер има склучено повеќе од 40 меморандуми за соработка и договори за практична настава со компании од областа на дрвопреработувачката индустрија, индустријата за производство на мебел и компании од областа на проектирање и конструирање мебел и ентериер. Студентите можат да ја реализираат својата практична настава во некоја од овие компании, но не се ограничени само на листата со компании со кои факултетот има склучен договор. Студентот може практичната настава да ја спроведе и во друга компанија, по сопствен избор, ако дејноста на компанијата е соодветна, од областите што се изучуваат на студиските програми. За полесно спроведување на овие активности на факултетот е формиран Центар за кариера, во чии активности спаѓаат и организирањето на задолжителната практична настава за студентите, обезбедување информации за можностите за вработување и извршување на практичната настава, промоција на факултетот пред идните студенти, одржување настани кои им овозможуваат на студентите да создадат контакти и интервјуа со работодавците, организирање посети на студентите во компаниите, одржување континуирани партнерства со работодавците во Република Македонија.

Факултети.мк: Каква е соработката со бизнис-секторот? Го наоѓаат ли Вашите студенти полесно својот професионален пат благодарение на таквите контакти уште за време на студиите?

-Практичната настава е само еден дел од активностите што се уредени со овие договори. Со меморандумот се регулирани и можности за волонтирање на апсолвентите во компаниите, можности за доделување стипендии на студенти од страна на компаниите, активности за реализација на обуки, работилници и семинари за вработените во компаниите, а и други форми на активности, како што се проекти, елаборати, научни и стручни истражувања и испитувања, сертификати и слично.

Фактот што во компаниите се вработени кадри што дипломирале на нашиот факултет, а некои од нив се наоѓаат на битни и клучни раководни места, ни кажува дека сме на вистинскиот пат. Важна заложба на факултетот во наредниот период ќе биде да се оформи алумни-здружение на сите дипломирани студенти (во изминатите шест години на прв циклус дипломирале речиси 300 студенти). Искуството на нашите поранешни студенти треба да го искористиме за подобро да ги подготвиме сегашните студенти и секако да ги привлечеме сите заинтересирани кандидати. Покрај тоа, факултетот има намера, во соработка со компаниите, еднаш годишно да организира саем за вработување, со што студентите и компаниите ќе стапат во директен контакт и ќе се запознаат со состојбата, условите и потребите на пазарот на трудот од нашата дејност.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование