X
 11.02.2020 Живот

Отпуштања во Комунистичката партија на Кина поради кризата со коронавирусот

Поради кризата со коронавирусот во Кина, во Комунистичката партија има неколку разрешувања од партиските функции со образложение дека лицата не ги исполниле своите обврски.

Партискиот секретар на Комисијата за здравство на кинеската провинција Хубеи и директорот на Комисијата се меѓу отпуштените.

Тие се највисоко рангирани партиски и локални лидери кои ги загубија своите работни места од почетокот на кризата со вирусот во Вухан.

Заменик-директорот на локалниот Црвен крст исто така е отпуштен од работа, со образложение дека не ги исполнил своите обврски за дистрибуција на донациите.

Во кинеската провинција Хубеи, едно од жариштата на коронавирусот, вчера биле регистрирани 103 нови смртни случаи, како и 2.097 новозаболени, додека во цела Кина од последиците на оваа заразна болест починаа повеќе од 1.000 лица, јавија британските медиуми, повикувајќи се на Националната здравствена комисија.

Во меѓувреме, кинескиот претседател Си Ѓинпинг првпат се појави во јавноста по смртта на лекарот Ли Венлианг, кој се обиде прв да предупреди на смртоносниот коронавирус (2019-nCoV).

Фото: МИА

Кинескиот претседател го посети Пејојанг, во Пекинг, за да се информира за превенцијата и контролата на смртоносниот вирус. Ова е прва средба на Си со граѓаните по неговата кратка посета на Јунан од 19 до 21 јануари.

Си им порача на граѓаните дека мора да имаат доверба дека Кина ќе победи во борбата против епидемијата на коронавирусот.

Носејќи хируршка маска при посетата на медицинскиот персонал во болницата „Дитан“ во Пекинг, Си ја провери својата температура и им мавна на лицата сместени во апартманите, покажуваат снимките на ЦЦТВ.

Докторот Ли на 30 декември ги предупреди властите на новиот вирус, но тогаш од полицијата му кажале да престане да шири лажни вести. Неговата смрт предизвика бурни реакции на социјалните мрежи.

Властите во Пекинг презедоа одредени активности, испраќајќи екипа сочинета од членови на високото дисциплинско тело на Комунистичката партија, која требаше да ја испита смртта на лекарот.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот