X
 11.04.2023 Образование

Децата во поправни установи ќе учат по наставен план наместо по експериментални програми

На предлог на Министерството за образование и наука, Владата усвои измени на Законот за основното образование со кои се решава долгогодишен предизвик поврзан со обезбедување редовен образовен процес за малолетниците во воспитно-поправните и казнено-поправните установи.

Новите измени на Законот предвидуваат образовниот процес за малолетниците во воспитно-поправните и казнено-поправните установи, наместо по експериментални програми како досега, да се спроведува по наставен план и наставни програми за основно образование на возрасни, соопшти МОН.

Оттаму додаваат дека учениците по формализацијата на образовниот процес ќе добиваат свидетелства за завршено образование, како и учениците во редовните основни училишта. За нивно вклучување во настава, доколку се под 16-годишна возраст, претходно се врши проверка на знаењето заради распределба во соодветно одделение на основното образование.

- Наставата ќе ја реализира училиште кое има верификација за образование за возрасни и реализира настава на мајчин јазик на ученикот во овие установи, односно тоа е основното општинско училиште за возрасни „Антон Семјонович Макаренко“ - Скопје, а за реализирање на законските измени, првично ќе биде потребно да се вработат до најмногу 6 наставници. Бројот на наставници што ќе треба да се ангажираат во иднина ќе зависи од бројот на штитениците во воспитно-поправните и казнено-поправните установи и групите, односно паралелки кои би се формирале - се наведува во соопштението.

Законските измени кои ќе бидат проследени до Собранието, всушност, овозможуваат системско решавање на предизвикот со образованието на малолетниците во воспитно-поправните и казнено-поправните установи, со кое воедно и се реализираат дел од препораките во извештајот на Европската Унија за напредокот на земјата во делот на човекови права.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование