X
 12.05.2020 Култура

МАИКА – алатка која го претвора пишаниот текст во говор ќе им помогне на лицата со оштетен вид и ќе го збогати јазикот

Чест ни е што гласот го позајми легендата на ТВ-спикерството – Лилјана Крстева - велат од тимот на „Emit Knowledge“, кој ја изработи алатката


Да оставиме наследство кое следните генерации ќе го надополнуваат и надградуваат, да го збогатиме македонскиот јазик, но и да им помогнеме на лицата со попреченост, поконкретно на лицата со оштетен вид – ова е дел од инспирацијата за создавањето на МАИКА – бесплатна алатка за претворање на пишан текст на македонски јазик во говор.

Интересното име на алатката е спој помеѓу зборовите „мајка“ и "вештачка интелигенција" (Artificial intelligence), ни појасни Ивона Миланова, член на тимот на ИТ-компанијата Emit Knowledge, што ја создаде алатката.

Тимот на „Emit Knowledge“

Сакаме да оставиме наследство за идните генерации, кои можат да го надополнуваат и надградуваат.

- Инспирација ни cе и лицата со попреченост, поконкретно лицата со оштетен вид кои моментално немаат алатка за претворање на текст во говор на македонски јазик која е блиска на природниот говор. Недостигот на ваква алатка им го отежнува нивното секојдневно функционирање во дигиталниот свет - велат од тимот.

Неколку месеци тимска работа стои зад овој проект. Целиот процес за креирање ваква алатка се состои од повеќе фази кои вклучуваат собирање на податоци, нивна обработка, креирање на алгоритмите за конверзија на текст во говор и циклус на тестирање и подобрување на решението, објаснува авторот. Тој додава дека секогаш постои простор за подобрување на апликацијата.

Како функционира?

- Нашиот систем е систем за претворање на текст во говор и е базиран на длабоко учење. Алатката функционира со тоа што корисникот внесува текст кој минува низ низа претпроцесирачки чекори, по кои текстот се претвора во говор кoj му се дава како повратен одговор на корисникот. Карактеристика на системот е тоа што самиот се учи на кој начин да ги изговара зборовите врз основа на веќе постојно множество на податоци. На наша голема чест, гласот со кој МАИКА говори му припаѓа на еден од најпрепознатливите гласови на македонската телевизиска сцена, Лилјана Крстева. Нејзината прецизност при изговорот овозможи моделот кој го истрениравме да постигне голема точност - објаснуваат од „Emit Knowledge“.

На проектот, во делот на хостингот работи и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје.

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура