X
 12.10.2022 Наука

Најбелата бела боја во светот ќе ја лади надворешноста на авионите, автомобилите и возовите

Можеби сте слушнале за инженери и уметници кои со години работат на создавањето на најцрната црна боја во светот, но што е со другиот крај на спектарот? Во октомври 2020 година тим од Факултетот за механичко инженерство на Универзитетот „Пердју“ ја создал најбелата бела боја во светот, способна да рефлектира 95,5 отсто од целата светлина што ја погодува.

Сега овој тим се надмина себеси со нова лесна боја која некако е побела од претходната, со неверојатни потенцијали за примена.

Тимот, предводен од Ксиулун Руан, професор по машинско инженерство, сакал да создаде ултрабела боја.

- Кога почнавме да работиме на овој проект, ги имавме на ум заштедата на енергија и борбата против климатските промени - раскажува професорот Руан.

Во соработка со неговите дипломирани студенти, Руан сакал да создаде боја што може да ја рефлектира сончевата светлина подобро од која било друга боја.

Супстанцијата бариум-сулфат, која се користи во фотохартијата и козметиката, влезе во Гинисовата книга на рекорди во 2022 година.

Кога е покриена со формулата на тимот, надворешната површина може да се олади повеќе од 4,5 степени под температурата што ја опкружува, без да користи енергија. Покривањето на покрив би резултирало со моќност на ладење од 10 киловати, за што Руан појаснува дека е помоќна од клима-уредите што ги користат повеќето домови.

boja
Jared Pike/Purdue University

И не само што бојата е помоќна од клима-уредите, туку и гарантира дека топлината нема да остане заробена во атмосферата на Земјата. Поради тоа што е рефлектирачка, ја испраќа топлината назад во вселената.

Единствениот проблем со овој неверојатен подвиг беше дебелината на бојата.

- За да го постигнеме ова ниво на радијативно ладење под температурата на околината, моравме да нанесеме слој боја дебел најмалку 400 микрони - вели Руан. Иако 4 милиметри не изгледаат многу, Руан објаснува дека во апликациите што имаат прецизни барања за големина и тежина, бојата треба да биде потенка и полесна.

- Ме контактираа сите, од производители на вселенски летала, до архитекти на компании кои произведуваат облека и чевли. Главно имаа две прашања: Каде можат да ја купат бојата и дали може да биде потенка?
Така, неговиот тим имал нов подвиг - да експериментира со други материјали за да ја надмине сопствената формула. И успеал во тоа.

Нивната најнова формула за бор нитрид има речиси идентична рефлексивност (97,9 отсто) со нивната претходна формула, и треба да се нанесе само 150 микрони (0,15 милиметри) во дебелина, што е 80 отсто полесна од претходната боја.

- Сега оваа боја има потенцијал да ја лади надворешноста на авионите, автомобилите или возовите. Авионот што е оставен на асфалтот во топол летен ден нема да мора да работи со клима толку многу за да излади, заштедувајќи големи количини енергија. Исто така, вселенските летала мора да бидат колку што е можно полесни, па оваа боја може да биде дел од тоа - вели Руан.

Тимот работи на комерцијализирање на бојата, но во меѓувреме прилично е неверојатно да се размислува за тоа какво влијание би можела да има бојата врз животната средина.

- Користењето на оваа боја ќе помогне да се изладат површините и значително да се намали потребата за климатизација. Ова не само што заштедува пари, туку и ја намалува потрошувачката на енергија, што пак ги намалува емисиите на стакленички гасови. И за разлика од другите методи на ладење, оваа боја ја зрачи сета топлина во длабоката вселена, што исто така директно ја лади нашата планета. Прилично е неверојатно што бојата може да го направи сето тоа - нагласува Руан.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Jared Pike/Purdue University
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука