X
 13.02.2024 Живот

Целата библиотека на Дарвин оди на интернет

Личната библиотека на британскиот натуралист и биолог Чарлс Дарвин првпат ќе биде целосно објавена на интернет. Научниците велат дека збирката книги, од кои дел досега биле непознати и необјавени, укажува на необичниот обем на истражувањата на Дарвин. Каталогот од 300 страници подробно ќе ја претстави цела колекција што се состои од 7.400 наслови и 13.000 тома.

Претходните списоци вклучуваа само 15 отсто од библиотеката.

Во каталогот наречен „Целосно дело на Чарлс Дарвин онлајн“ се вклучени книги, памфлети и списанија за теми како што се биологија, геологија, филозофија, психологија, религија, уметност, историја и патувања. Повеќето од делата се на англиски јазик, но и на германски, француски, италијански, шпански, холандски и дански јазик. Меѓу новооткриените дела е германско списание со првата позната фотографија од бактерија.

Потребни беа 18 години за да се заврши проектот, а неговото објавување се совпаѓа со 215-годишнината од раѓањето на Дарвин. Го води д-р Џон ван Вај од Одделот за биолошки науки при Националниот универзитет во Сингапур.

- Вакво подробно претставување на комплетната библиотека на Дарвин е без преседан и ни овозможува да го цениме, повеќе од кога било досега, фактот дека Дарвин не бил изолиран научник кој работел сам, туку исклучителен стручњак кој ги изградил своите дела врз софистицирана наука и проучувања и со знаењето на илјадници соработници. Навистина, големината и опсегот на делата на неговата библиотека укажуваат на извонредниот интерес и обемот на истражувањата на Дарвин и работата на другите - нагласи Ван Вај.

Проектот вклучува и виртуелна реконструкција на библиотеката со 9.300 линкови до примероци од делата кои се достапни бесплатно. Дарвин починал во 1882 година, а во неговиот дом имало повеќе од 2.000 книги.

Меѓу неговите лични белешки и тетратки се наоѓаат и дневниците на неговата сопруга Ема Дарвин, книги подарени на „Ботаничкото училиште“ во Кембриџ во 1908 година и 30 тома од преписката на Дарвин - збирки писма што биологот ги разменувал со луѓе од цел свет.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот