X
 13.07.2018 Образование

Mакедoнските ученици освоија пет медали на Балканската олимпијада по информатика

Еден сребрен и четири бронзени медали освоија нашите ученици на 26. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2018) и 12. Јуниорска балканска олимпијада по информатика (ЈБОИ 2018), кои денеска завршуваат во Темишвар, Романија. Сребрен медал освои Мартин Динев од селото Пирава, а бронза освоија Владимир Максимовски од Штип и Андреј Величковски од Куманово. Четвртиот член на македонскиот тим беше Јосиф Тепеѓозов од Скопје. Бронзени медали на јуниорскиот натпревар освоија Благојче Павлески од Прилеп и Тео Китановски од Скопје, а во тимот беа и Кристина Тасева и Марко Таневски.



Двата тима ги предводеа Емил Станков, Марко Палоски, Владислав Бидиков и Дарко Мартиновиќ од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство. Учениците беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари што редовно го организира Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ).

Миле Јованов, претседател на Здружението, вели дека е голем успех за Македонија кога пет од осум натпреварувачи ќе освојат пет медали.
- Талентирани деца има насекаде во нашата земја. Тоа го потврдува фактот што сите учесници на Олимпијадата доаѓаат од различно место во Македонија. Ние треба понатаму да се трудиме да ги идентификуваме и да ги развиваме овие таленти - вели Јованов.

На БОИ 2018 учествуваа вкупно 39 од најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки од нашата земја, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија и од Словенија, а во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Италија и од Туркменистан. На ЈБОИ 2018 учествуваа тимови составени од најмногу четири натпреварувачи од нашата земја, Босна и Херцеговина, Бугарија и од Грција.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование