X
 18.04.2015 Образование

Матурантите заинтересирани за идната професионална ориентација

„Да го одберам тоа што се бара или тоа што го сакам“ 3-та Ротари конференција за професионална ориентација

Средношколците кои се во завршна година покажаа голем интерес за вистинска професионална ориентација на третата Ротари Конференција што се одржува денеска во Скопје.



Банкари, менаџери, архитекти, докажани професионалци од повеќе сфери на македонското општество, денеска во Меѓународното училиште „Нова“ одржаа низа говори и дискусии пред средношколци од повеќе училишта во Скопје, во рамките на третата Ротари конференција за професионална ориентација, насловена „Да го одберам тоа што се бара или тоа што го сакам“. Архитектура и градежништво, здравство, бизнис и финансии, инженерство, медиуми и маркетинг, право, образование, истражување и наука беа дел од темите што беа опфатени на конференцијата чија главна цел беше да им се помогне на младите во изборот на идната професија. Настанот беше во организација на „Ротари клуб Скопје – Камен Мост“, како дел од серијата активности за поддршка на младите талентирани луѓе и помош да ги остварат своите потенцијали. Во првиот дел на присутните средношколци им се обратија Ѓорѓи Петрушев – претседател на „Ротари клубот Скопје - Камен Мост“, Винка Саздова – писател и сопственик на издавачки центар „Три” и Владимир Мартиновски – професор на Филолошкиот факултет при УКИМ.



- Изборот на факултет е одлука која е значајна не само за професионалната иднина на еден млад човек, туку и пошироко за неговиот идентитет, имaјќи во предвид во колкава мера професијата е дел од нашето секојдневие и дејствување во околината. Токму затоа ја организираме оваа конференција, на која младите луѓе ќе имаат можност да слушнат интересни искуства и размислувања од еминентни гости говорници и професионалци, а со цел да им помогнат во процесот на донесување одлука - изјави Ѓорѓи Петрушев, претседател на „Ротари клуб Скопје - Камен Мост“.

Писателката и издавач Винка Саздова посочи дека за успех е потребно да се биде истраен, да се има јасно поставена цел и неуморно да се работи кон нејзиното остварување.

- Најголемите мудрости се добиваат преку личното искуство. Некој може да ви ја отвори вратата, но сами треба да зачекорите низ неа – им порача таа на средношколците додавајќи дека постојано треба да си поставуваат нови врвови за освојување.



Во вториот дел од конференцијата, средношколците беа поделени во групи каде се разбработуваа различни аспекти на неколку професии: архитектура и градежништво; бизнис и финансии; медицински науки; инженерство (машинско и електро); медиуми и маркетинг и право. Истакнати професионалци од секое од наведените полиња ги споделија своите искуства со учениците и одговараа на нивните прашања.

Изминативе две години повеќе од 300 средношколци од дваесетина училишта го посетија настанот, и истиот преку прашалник го оценија како успешен и извонредно корисен.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование