X
 21.09.2015 Култура

На кој начин настанало бодувањето во тенисот?

тенис

 

Познато е дека во тенисот бодовите се различни од бодовите во другите спортови. Наместо едноставните 1, 2, 3, во тенисот се користат бројките 15, 30, 40. Зошто е тоа така?


Постојат повеќе можни одговори, но решението на оваа мистерија се наоѓа во историјата на овој спорт.

Тенисот каков што се игра денес, настанал во 19-от век. Тогаш на некои стадиони за броење се користеле семафори во вид на часовници. Тогаш, секој поен се обележувал како четвртина од часот, па така првиот поен бил 15, а гемот бил освојуван тогаш кога сказалките ќе поминеа цел круг. Тогаш поените биле 15, 30, 45, и 60. Но, денес не е така. Од каде тогаш денешното бодување?

Одговорот на ова прашање датира од 18-от век во Франција, непосредно пред револуцијата. Тогаш настанала таканаречената „игра на дланките“  која била доста популарна во тоа време. Оваа игра е претходник на денешниот тенис, а тогаш била толку популарна што имало повеќе од 1.000 терени за оваа игра. Целта била по гемови и сетови да се освојуваат поените такашто, со раката се удира топката во деловите на теренот одделени со мрежа.

Правилата биле: оној што сервира после првиот освоен поен, се приближува до мрежата за 15 стапки, после уште 15 и после третиот поен 10 стапки, бидејќи не би можел 15 затоа што би бил блиску до мрежата. Од тука доаѓа 15-30-40 пресметувањето на поените.

Пред да биде создаден модерниот тенис, неговиот претходник доживеал промени. Откако било одлучено повеќе да не се игра со дланките, започнало да се користи стапот, а набрзо и рекетот. Оваа игра со своето оригинално име била една од официјалните олимписки дисциплини на Олимписките игри во 1908 година. После тоа започнала ерата на модерниот тенис, онаков како што се игра денес.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура