X
 29.12.2015 Живот

Внимателно за празниците - глоби до 500 евра за возење под дејство на алкохол

На крајот на месец септември годинава беше изгласан нов закон за безбедност на сообраќајот на патиштата. Во рамки на глобите има зголемувања. Кои се работите на кои треба да внимавате додека возите во пресрет на новогодишните и божиќни празници?


1. Доколку возачот не обрнува внимание на пешаците на коловозот или не управува со возилото со соодветна брзина со која може да го запре возилото во случај на потреба пред пешачки премин може да добие глоба во износ од 200 евра.

2. Возачот и сите лица кои се превезуваат во возилото се должни да имаат сигурносен појас додека се во сообраќајот. Глобата изнесува 40 евра, односно 25 негативни бода за возачот и 50 евра за лицата кои се превезуваат во возилото.

3. Мобилните телефони се дозволени за користење во текот на возењето само доколку се употребуваат без раце. Глобата изнесува 45 евра, односно 25 негативни бода.

4. Глобата за попречување на возачот за време на возењето изнесува 50 евра.

5. Глобата за намалена брзина до таа мера што возилото го попречува нормалното одвивање на сообраќајот изнесува 50 евра.

6. Не е дозволено возење со брзина поголема од 50 км/ч на јавен пат во населено место или со брзина поголема од дозволената според сообраќајниот знак. Глобите во случај на непочитување изнесуваат 400 евра (доколку брзината е повеќе од 50 км/ч над дозволеното), 300 евра (доколку брзината е 30-50 км/ч над дозволеното), 45 евра (доколку брзината е 10-30 км/ч над дозволеното) и 20 евра (доколку брзината е до 10 км/ч над дозволеното).


7. Надвор од населените места, дозволената брзина изнесува 130 км/ч на автопат; 110 км/ч на пат резервиран за сообраќај на моторни возила; 90 км/ч на другите патишта. Глобите изнесуваат 400 евра (доколку брзината е повеќе од 70 км/ч над дозволеното), 300 евра (доколку брзината е 50-70 км/ч над дозволеното), 45 евра (доколку брзината е 30-50 км/ч над дозволеното) и 20 евра (доколку брзината е до 30 км/ч над дозволеното).

8. Паркирањето на возилото не смее да биде на место кое би ја загрозило безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Глобата во случај на непочитување изнесува 45 евра односно 25 негативни бода.

9. Светлата на возилото треба да бидат запалени дење и ноќе. Глобата изнесува 15 евра дење, а 35 евра ноќе, односно 15 негативни бода.

10. Доколку со возилото управува лице кое нема важечка возачка дозвола издадена во Р. Македонија, странска возачка дозвола или меѓународна возачка дозвола, се доделува глоба од 300 евра. Доколку рокот на важноста на возачката дозвола е истечен, се доделува глоба во износ од 100 евра.

11. Возењето под дејство на опојни дроги или психотропни супстанци се казнува со 400 евра односно 65 негативни бода и забрана за управување на моторно возило од 6 до 12 месеци.


12. Возењето под дејство на алкохол се казнува со 225 евра, односно 40 негативни бода доколку возачот има 0,51-1,00 г/кг алкохол во крвта и забрана за управување со моторно возило.

Глобата од 275 евра се доделува на возачот кој има алкохол во крвта од 1,01 до 1,50 г/кг, заедно со забрана за управување возило од 6 до 9 месеци.

Глоба во износ од 325 евра, односно 55 негативни бода, добива возачот со 1,51-2,00 г/кг алкохол во крвта, како и забрана за управување возило од 9 до 12 месеци.

Возачот кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 2,01 г/кг или повеќе ќе биде казнет со глоба во износ од 375 евра и забрана за управување возило од 12 месеци.

Возачот кој ќе одбие да биде алкотестиран за утврдување алкохол во организмот ќе биде казнет со глоба од 500 евра и забрана за управување возило од 12 месеци.

13. Возачите кои се почетници не смеат да возат со брзина над 60 км/ч на јавен пат, односно над 80 км/ч на пат наменет за сообраќај со моторни возила, односно над 100 км/ч на автопат.

14. Управувањето на возило во период од 23,00 до 5,00 часот од страна на возач-почетник, доколку до него на предното седиште не се наоѓа лице возач со искуство и постаро од 25 години, се казнува со глоба од 200 евра односно 40 негативни бода. Глоба во износ од 200 евра се изрекува на возач-почетник кој во организмот има алкохол од 0,10 г/кг до 0,50 г/кг и забрана за управување од 3 месеци.

15. Децата помали од 5 години се превезуваат на задното седиште само во поставено посебно детско седиште. Глобата во случај на непочитување изнесува 35 евра, односно 15 негативни бода.

Податоците се преземени од „Правдико“.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот