X
 15.10.2023 Наука

Во животинскиот свет женките учат од другите женки како да ги одберат машките партнери

Што е тоа што нѐ привлекува кај некого? Ново истражување покажува дека кај животните, женките учат од другите женки како да ги одбираат потенцијалните машки партнери.

Со еволуцијата животните добиле карактеристики кои ги зголемуваат нивните шанси да најдат партнер. Најчесто машките се натпреваруваат за вниманието на женските. Ова довело до еволуција на сексуални карактеристики кај машките, но и пребирливост кај женките.

Во новото истражување спроведено на државниот универзитет во Флорида, САД, научниците развиле математички модел за да објаснат некои нејасни делови во теориите за избор на партнер кај животните. Според моменталните теории, животните ги одбираат партнерите поради знаци за добри гени. Меѓутоа, ниту една теорија не објаснува зошто има толку разлики во карактеристиките кај мажите од ист вид или зошто женските желби се менуваат со текот на времето или од животно до животно.

Новото истражување покажало дека женките често ги копираат поискусните женки од својот вид во изборот на партнер. Кога женките одбираат партнери со необични карактеристики, ова доведува до зачестеност на таа карактеристика, иако по одредено време станува неатрактивна. На тој начин, нема една карактеристика која ги прави атрактивни машките животни, туку преференците на женките се менуваат со текот на времето под влијание на другите женски единки.

Не се знае дали ова навистина се случува во реалниот свет бидејќи заклучоците се донесени врз основа на математички модел.

Извор: Phys
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука