X
 18.04.2016 Образование

Теодора Стевановска, матурантка во Корчагин: Ќе студира во Лондон, ја примиле на три светски универзитети

Матурантката Теодора Стевановска од скопската гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ е примена на три светски универзитети кои се рангирани меѓу првите три на Шангајската листа -University of Bristol (37), University of Edinburg (21) University college of London (7). Иако, чека резултати од апликацијата за стипендија, нејзините преференции се сепак за Лондон.




-  Главната причина што го одбрав овој факултет е нивната богата програма за предметот кој јас одбрав да го студирам, математика - вели таа.

Факултети мк: Што најмногу те радува за студирањето во странство?

- Јас сум личност која што сака и со задоволство ги прифаќа предизвиците, па така спремна сум да се соочам и со овој. Најмногу ме радува фактот дека ќе се осамостојам, ќе стекнам големи и важни искуства, кои ќе ме спремат за понатамошниот живот. Исто така, се радувам бидејќи ќе живеам во една светска метропола-Лондон и ќе можам да бидам дел од животот и културата на Англичаните. Универзитетите на кои сум примена нудат одлични програми за математика, па среќна сум што ќе можам да го продлабочам и проширам моето знаење. Истите се познати и по тоа дека се интернационални, со студенти од сите страни на светот, што значи запознавање на нови луѓе, култури, обичаи и навики.

Факултети.мк: Може ли да ни објасниш како одеше процесот на аплицирање на универзитетите?

- Идејата за студирање во странство ја имав уште во прва година од средното образование. Така почнав да се активирам во повеќе области, вклучувајќи ги Кариерниот центар во моето училиште, хуманитарните настани кои ги организиравме, математички натпревари, филмски фестивали, манекенство... Во 4 година, веќе зад себе имав одлични оценки како и добра активност надвор од училиштето. Аплицирав преку страницата UCAS и бев примена на три светски универзитети, кои се наоѓаат на листата на топ 100 универзитети според Шангајската листа: UCL (University College London), University of Bristol и University of Edinburgh. Покрај тоа, полагав и испит за добро познавање на англискиот јазик TOEFL, кој го положив со одличен резултат. Морам да напоменам дека голема поддршка при целиот овој процес ми беше моето семејство и мојата тетка.




Факултети.мк: Каде и што би сакала да работиш во иднина?

- Сè уште не го имам конкретно дефинирано она што би сакала да го работам, но можам да кажам дека се гледам како дел од некое важно математичко истражување, кое ќе придонесе многу во областа на медицината. Токму поради фактот дека сакам да им помагам на луѓето, правејќи го она што уживам да го правам (математиката) и избрав да студирам применета математика. Како друга опција односно посакувана професија е професор по математика на некој од подобрите светски универзитети.


Факултети.мк: Четврта година си во гимназијата  Корчагин. По што ќе го паметиш средното училиште и средношколските денови?

- Во мојата гимназија Корчагин ги поминав најубавите 4 години од мојот живот, исполнети со прекрасни спомени. Најпрво, Корчагин ќе го памтам по квалитетното образование што го нуди и професорите кои ни даваа несебична поддршка и внимание (посебно професорките по математика и математичка анализа кои направија уште повеќе да ја засакам математиката). Потоа, на Корчагин како гимназија ќе и бидам засекогаш благодарна што ми овозможи да ги запознаам моите најдобри другари и другарки, кои ги обележаа овие години. Покрај тоа, ќе ги паметам дружбите во пацио и свечена, стапчињата од Жан Мари, деновите на создавање на Корчагинска Просветилка, натпреварите и кафињата во Олд Скул.




Факултети.мк: Како се подготвуваш за државната матура која наскоро ќе треба да ја полагаш?

-Уште пред еден месец во училиште, на дополнителни часови започнавме со повторување на материјалот по математика и македонски јазик, кој до сега речиси го поминавме. За останатите два предмети ќе се подготвувам индивидуално. Интерниот испит по физика ќе го подготвам преку повторување на најважните поглавја од изминативе четири години, а за испитот по англиски јазик мислам дека сум доволно подготвена уште од сега, земајќи ги во предвид положените FCE и TOEFL испити. Проектната матурска задача веќе ја одбранив, со оценка 5.


Факултети.мк: Кога би можела, што би променила во македонското образование?

- Главната промена што би сакала да ја има во нашето образование е практичната примена на знаењата. Сметам дека сегашните наставни програми се преобемни и напорни, исполнети со премногу информации и факти, кои мора да се запамтат, а не се обрнува доволно внимание на применување на истите. Покрај тоа, би го исклучила екстерното тестирање како начин на оценување на учениците, бидејќи знаењата и трудот треба да бидат вреднувани следејќи го напредокот и развојот на ученикот во текот на целата година, а не преку еден тест.




Факултети.мк:Покрај учењето, кои се твоите други интереси, имаш ли некое хоби?

- Долго време активно тренирав одбојка и бев дел од многу одбојкарски натпревари, но потоа престанав поради обрвските. Исто така веќе 4 години се занимавам со манекенство, кое ми е еден вид на хоби, и сум член на модната агенција “Подиум”. Член сум и на Кариерниот центар во моето училиште, преку кој организираме хуманитарни настани и различни активности; последен ваков настан беше Корчагинска Просветилка. Покрај тоа, бев уредник и графички дизајнер на училишното списание “Визија”.

Подготвил: М.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование