X
 24.04.2016 Образование

Колкава е цената да се стане доктор во Македонија?

Во истражување од 2012/2013 година спроведено од „Health grouper“, над 60% од студентите по медицина сакале да се отселат од Македонија по завршувањето на студиите. 54,5% би сакале да работат во приватно здравство. Здружението на приватни лекари извести пред две години дека стотици лекари годишно ја напуштаат Македонија.



Државата презема мерки за намалување на одливот на мозоци со најновите промени во Законот за здравствена заштита со кои се намалува периодот на одработување по завршување на специјализацијата од 10 на пет години, како и кофинансирање на приватните специјализанти, со што државата ќе им надоместува дел од специјализацијата и тие ќе добиваат месечен надомест за специјализацијата која инаку ја плаќаат самите.

Првиот конкурс за кофинансирање специјализанти веќе резултираше во зајакнување на медицински установи со 90 доктори. Меѓутоа, изгледа дека сè уште сме далеку од идеалните услови за специјализација според младите лекари.

Проблемите на специјализантите се многу побројни

Здружението на лекари специјализанти испрати петиција и повеќекратно го изјавуваше незадоволството од Законот за здравствена заштита. Имено, новите промени во законот не ги решаваат главните проблеми со кои се соочуваат специјализантите, а за кои се зборува со години.

Специјализантите во текот на својата специјализација не добиваат плата, немаат статус на вработени лица, не им тече работен стаж, немаат здравствено и пензиско осигурување, а во многу случаи работат и повеќе часови од предвиденото. Меѓу другото, од идните доктори се бара и задолжителна тримесечна обука во странство, која претставува услов за лиценца за работа како специјалист. Потоа, се предвидува снимање на испитите и колоквиумите, односно хируршките зафати.

Тежок пат до диплома

Додека се стигне до специјализацијата треба да се заврши првиот циклус на студии, кој трае 12 семестри, односно 6 години. Студиската програма вклучува и практична обука за болничко згрижување која се изведува во текот на студирањето преку задолжителна волонтерска работа со полно работно време во здравствена установа во која се врши специјалистичко консултативна здравствена дејност. Оваа практична обука вкупно трае три месеци, од кои првиот дел во траење од 45 дена се спроведува во текот на првите две години, а вториот дел од 45 дена во следните четири години.

Овие два дела од практичната обука се услов за полагање на првиот, односно вториот дел од стручен испит. Предметите од трета година на студиската програма не може да се слушаат ако не се положи првиот дел од стручниот испит. Стручните испити се полагаат пред комисии формирани од Лекарска комора на Македонија и се состојат од писмен, устен и практичен дел.

Во законот се одредува и задолжително слушање и полагање на два предмети на англиски јазик, кои ги одредува високообразовната установа.

По завршувањето на студиската програма со стручните испити и практичните обуки, студентот се стекнува со звање „доктор на медицина“, по што може да ја врши дејноста и стручно да се усовршува како специјализант во одделна област од медицината.

Цената да се стане доктор

Партиципацијата за студирање на државен универзитет чинат 200, односно 400 евра годишно, за државна квота и со кофинансирање соодветно. Стручниот испит кој досега се полагаше на крајот од студиите досега чинеше 26.000 денари, а не е позната цената на полагањето според новите измени во законот. За работа е потребна и лиценца која се издава од Лекарската комора на Македонија.


Во поглед на специјализацијата, надоместот за спроведување на теоретската настава и практичната обука и за полагање на испит за специјализации, односно супспецијализации изнесува од 9.600 евра за четири години до 13.600 евра за шест години во хируршките гранки; од 3.300 евра за три години до 11.200 евра за шест години во нехируршките гранки.

Во хируршките гранки на супспецијализации во траење од две години надоместот изнесува 3.400 евра, додека за нехируршките гранки на супспецијализации во траење од две години чини 2.600 евра.

Овие суми важат само за македонски државјани, а за странски државјани изнесуваат 16.000 евра во сите гранки и за сите периоди.

Овие надоместоци не важат за специјализациите во областа на стоматологијата и фармацијата.

Платата на лекарите е далеку од висока

Според последните податоци од Државниот завод за статистика за просечната исплатена нето-плата во Македонија, во најплатените дејности не влегува дејноста на здравствена заштита. Просечната исплатена нето-плата во оваа дејност изнесува 26.039 денари. За споредба, просечната нето-плата за февруари годинава во Македонија изнесувала 21.813 денари, а највисоката просечна нето-плата за истиот месец изнесувала 45.301 денари за компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности.

Студентите демонстрираат, специјализантите се бунат

Во петокот, студенти од Медицинскиот факултет протестираа пред Министерството за здравство барајќи промени во Законот за медицински студии и стручно усовршување на докторите во Македонија. Тие се побунија против измените за полагање стручни испити двапати во текот на студирањето како услов за продолжување со студиите и предвидената практична обука.

Од друга страна, група специјализанти потпишаа петиција за измените на законските одредби кои се однесуваат на нив, а беа донесени во февруари годинава. Во март, тие имаа и средба со претседателот на Лекарската комора на Македонија, проф. д-р Кочо Чакалароски, на која тој од нив побара конкретизирање на предлозите, мислењата, забелешките и барањата и доставување на истите во писмена форма до Лекарската комора на Македонија.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование