X
 19.09.2016 Живот

Никогаш не завршил средно, а е еден од најдобрите во неговата професија

На почетоците на неговата кариера, Марко Пјер Вајт го нарекувале „злобното дете“ на модерното кулинарство, бидејќи ги бркал гостите од рестораните ако му ги критикувале јадењата.

Марко Вајт 1

Марко Пјер Вајт со гордост ја носи титулата прв англиски готвач кој добил три Мишелинови ѕвезди за своите јадења. Судијата Мат Престон, во австралиското реално шоу, Masterchef, го нарекол Марко кум на модерното француско кулинарство, а многу други прокоментирале дека е заслужен за кариерите на други големи готвачи на денешницата, како што се Гордон Ремзи или Куртис Стоун.

Во детството, Марко не бил заинтересиран за образованието и не се вклучувал во наставата. Не е ни чудно што на шестнаесетгодишна возраст го напуштил средното училиште Алертон и започнал да се занимава со професијата на својот татко во кујната на Box Tree во Илкли.

„Никогаш не сакав да станам готвач, но тоа беше професија на многу момчиња од средната класа, како мене“, рекол Марко во една пригода. Но, за разлика од неговиот татко кој готвел класична британска храна со многу маснотии и малку фантазија, Марко од почетокот покажал голем талент во кујната.

Со помалку од осум фунти во џебот, малку облека и книги, набрзо се преселил во Лондон, каде што почнал да учи од славните браќа Ру во ресторанот Le Gavroche. Тајните на кулинарството ќе му ги откријат и други звучни и признати готвачи.

Марко Вајт и кралицата Елизабета

„Мајката природа е вистински уметник, а наша задача како готвачи е да ѝ дозволиме да блесне во полн сјај“ е филозофијата  на Марко, кој претпочита едноставност на вкусовите. Токму затоа светската слава ја стекнал со едноставни јадења составени од неколку состојки што создаваат комплексна длабочина на вкусот.

Славниот ресторан Harvey’s во Вандсворд го отворил во далечната 1987 година со заем од 67.000 британски фунти од банката Јоркшир од Шефилд. За помалку од една година ја добил првата Мишелинова ѕвезда, а веќе во наредната година и вториот престижен симбол на врвното кулинарство.

На менито на Марко се застапени класиците од француската кујна, а посебно биле пофалени таљателите со остриги и свинската рилка со печурки.

Надимакот „злобното дете“ си го заслужил со причина. На почетокот од кариерата често ги бркал од ресторанот гостите што негативно му ги коментирале јадењата. Ако некој гостин, на пример, побарал пржени компири како додаток на нарачаниот оброк, а не биле предвидени во менито, Марко рачно ги лупел и ги подготвувал, а потоа им ги наплаќал со дополнителен износ за потрошеното време.

„Ако не си екстремен, луѓето ќе пробуваат да забушаваат, бидејќи не ти се плашат“. На овој начин Марко се обидел да ја објасни стратегијата во неговата кујна, што честопати била „пекол“ за младите соработници.

Третата Мишелинова ѕвезда, Марко ја заработил во ресторанот што го носел неговото име, а се наоѓал во состав на некогашниот хотел, Хајд парк, кој денес е претворен во Мандарин Ориентал. На 33 годишна возраст станал првиот англиски готвач одликуван со три Мишелинови ѕвезди.

Автор е на сопствената биографија, „White Slave“.

White Slave

„В кујна поминав 21 година од животот и мојата љубов кон рестораните никогаш нема да умре. На многу од луѓето им е тешко да се откажат кога се на врвот. Јас ги добив сите три Мишелинови ѕвезди, но повозбудливо ми беше додека ги „ловев“, наместо да се трудам да ги задржам“, објаснува Марко.

Денес, модерната кујна не го интересира. Ги критикува денешните ресторани што многу бавно служат храна, за што ќе рече: „Сакам храната да ми биде жешка. Не сакам да дремам три часа во ресторан. Ми се здосадува после првиот час.“
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот