X
 31.10.2016 Економија

Македонските ИТ компании затрупани со работа, но без големи профити

На листата 50. најбрзорастечки компании во Средна Европа на компанијата „Дилојт“ се рангираа и фирми од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, но нема ниту една од нашата земја



Ниту една македонска компанија од ИТ, медија или телекомуникацискиот сектор не е меѓу 50. најбрзорастечки технолошки компании во Средна Европа. За разлика од Македонија, меѓу овие компании се рангираа и фирми од Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, на листата што традиционално веќе 17 години ја прави компанијата „Дилојт“.

На оваа листа се рангирани компании кои се занимаваат со ИТ и дигитални решенија, со медија и телекомуникации, био и нано технологии, како и со „зелени“ технологии и енергија од Средна Европа кои што забележале најголем раст на приходите во периодот од 2012 до 2015 година. За да може да влезат во изборот, компаниите мора да имаат минимум годишен приход од 50.000 евра, како и во сопственичката структура да немаат странски партнери.

Апсолутен рекордер на листата според бројот на компании кои што доаѓаат од конкретната земја е Полска која што има 17 рангирани фирми. Следат Чешка со 7, Хрватска со 6, Словачка со 5, Романија и Унгарија со по 4 и Литванија со 3 компании. По една компанија на листата доаѓа од Србија, Словенија, Бугарија и Босна и Херцеговина. Прворангираната компанија, која е од ИТ секторот, доаѓа од Полска и во изминатиот период забележала раст од 13.052%. Втората исто е од Полска и има раст од 5.038%, додека третата е од Чешка со раст од 3.129%. Речиси 90 отсто од компаниите на листата на „Дилојт“, односно 41 од вкупно 50 рангирани фирми се од ИТ секторот.

Од земјите од нашето најблиско опкружување најдобро рангирана е ИТ компанија од БиХ основана во 2008 година, која го зазеде петтото место. Компанијата се занимава со развој на софтвери за интернет игри и обложување, а нејзините приходи лани пораснале за 1.760%.

Се обидовме да добиеме одговор од поголемите компании од ИТ секторот во земјава на што се должи тоа што Македонија нема свој претставник или претставници на оваа листа и покрај тоа што во земјава има прилично многу компании кои се занимаваат со оваа дејност. Официјално, компаниите не сакаат да анализираат зошто нашиот ИТ сектор не произведува толку голем раст како во другите земји. Но, вработени во домашните ИТ компании сметаат дека изоставувањето на македонските фирми од оваа дејност на средноевропската листа најмногу е резултат на фактот што најголемите ИТ-компании во Македонија генерално се партнерски странски фирми со лоцирани претставништва во земјава, така што не влегуваат во конкуренција. Тие што имаат чисто домашен капитал претежно се помали компании со помали приходи кои тешко може да се носат со сличните компании во поголемите и поразвиените европски земји.

Вработени во македонските ИТ компании објаснуваат дека поголемиот дел од нашите фирми воопшто и не можат да влезат во фазата за оценување од неколку причини.

- Секој може да се номинира сам, што исклучува голем број наши релативно брзорастечки компании кои не се номинирале заради задоволување на сервисните услови договорени со клиентите или други субјективни причини заради кои не би сакале да ја пријават добивката односно реалниот раст на компанијата – објаснува вработен во поголема ИТ компанија во земјава.

Според него, друга причина за нерангирањето е тоа што нашите компании многу малку или воопшто не вложуваат во истражување и развој (R&D).

- Во околина на релативно поевтин труд (што не значи и понизок квалитет) за генерирање профит е доволно само да се склучи партнерство односно да се продаваат услуги на клиенти кои доаѓаат од земји со повисока цена на трудот, кои пак сакаат да си ги намалат трошоците за производство. Во оваа група спаѓаат компании кои имаат висок раст, ама не вложуваат во истражување и развој, кои исто така се надвор од конкуренција во ваквиот систем на оценување – објаснува тој.

Вработени во ИТ секторот во земјава велат дека слабост на нашите компании од оваа дејност нудат специфични услуги за конкретни клиенти, но не и готови производи кој би биле достапни да се купат како сервис кој може да се адаптира за потребите на поширок круг клиенти. Тие додаваат дека нашите компании дефинитивно имаат знаење и реализација, но тоа не произведува додадена вредност како инвестиција во истражување и развој или во развивање нивен производ. За нашите компании, сметаат вработените, во моментов брзорастечките пазари во другите земји се поатрактивни, поради што тие се одлучуваат на „лон“ производство кое, за жал, не носи голем раст на компанијата.

За формирање на листата, „Дилојт“ оценуваше технолошки компании од Албанија, Бугарија, БиХ, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Полска, Романија, Србија, Словачка и Словенија.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија