X
 15.12.2016 Живот

Професорката од Битола што го преплива Охридското Езеро: Кога ги остварувате своите цели, правете го тоа со голема љубов

Во време кога имаме постојани промени во школскиот систем и кога наставниците се под постојани притисоци, мислам дека дури и ние како наставници сме демотивирани да се посветиме на учениците онака како што сме свесни дека би требало – признава Софија Бејковска-Чачаровска, која предава латински

Оваа година за 29-годишната професорка по латински јазик Софија Бејковска Чачаровска од Битола ќе остане во долго сеќавање, затоа што таа го оствари својот детски сон, желбата да го преплива Охридското Езеро по должина од 30 километри. На нејзини 12 години, тренерот Кире Марков ја научил да ги плива сите стилови, а подоцна таа учествувала на два мали маратони, но согледувајќи ја реалноста дека Битола не нуди доволно добри услови за да ги постигне резултатите кои таа ги посакува, продолжила да плива рекреативно.


Софија


За да го реализира својот детски сон, Софија се подготвуваше за време на летната сезона, два и пол месеци во отворениот Олимпискиот базен во Битола, а потоа во Љубаништа, каде летуваше заедно со својот сопруг. Софија раскажува дека во одреден момент додека пливала почувствувала тешкотии, организмот почнал да и се лади, па побарала од придружбата да разговора со неа, за да не добие хипотермија. По десет часа пливање, смрзната и со болки во мускулите, таа ја исполни својата цел, но вели дека не би го постигнала тоа без поддршката на родителите, сопругот Влатко, тренерот Марков и нејзините пријатели.

Исто така, таа вели дека за остварување на овој подвиг ја мотивираше желбата да се слушне гласот на денешната, но и идната генерација на пливачи кои заслужуваат да имаат затворен базен каде редовно би тренирале, но и би уживале во овој спорт во секој период во годината и во Битола и во останатите градови. 

Софија, сепак е скромна личност, која не сака да се фали со она што го постигнала, само додаде дека се надева дека ги поттикнала учениците и другите луѓе секогаш да даваат максимум за  остварување на своите цели, а притоа тоа да го прават со голема љубов. Но, бевме сведоци во просториите на Американско Катче во Битола каде беше и Софија поканета од страна на нејзините ученици да сподели за нејзиното постигнување. Откако Софија раскажа пред присутните што ја мотивирало, сите присутни ѝ аплаудираа, а нејзините ученици со гордост кажуваа дека Софија е прекрасна професорка.

Како професорка во битолската гимназија „Јоспип Броз Тито“ неа ја мотивира љубовта кон учениците и желбата да ги поттикне да размислуваат со своја глава, да научат да прифатат одговорност и да преземаат иницијативи за остварување на нивните идеи како за подобрување на својата иднина, така и за иднината на околината во која живеат. Во интервјуто Софија зборува и за пропустите во образовниот систем во Македонија и предизвиците со кои професорите се соочуваат да ја пронајдат желбата кај секое дете за одредена област и да ги мотивираат да ги остварат своите животни цели.


Софија


Факултети.мк: Колку професорите кај нас ги охрабруваат, мотивираат и поттикнуваат децата да преземат иницијативи, да се борат за промена на општеството и за исполнување на соништата?

-Не би било пристојно да зборувам за сите наставници, ниту пат сметам дека воопшто може да се зборува за некаква генерализација во која било професија. Секако дека нашата просветителска дејност и тоа како бара да се пронајде желбата на некое дете за одредена област и да се мотивира детето да ја остварува својата желба, но во време кога имаме постојани промени во школскиот систем и кога наставниците се под постојани притисоци, мислам дека дури и ние како наставници сме демотивирани да се посветиме на учениците онака како што сме свесни дека би требало.

Ако зборувам во мое име, тогаш би рекла дека она кое сé уште ме држи во школскиот систем е единствено љубовта кон учениците и желбата да ги поттикнам истите да размислуваат со свои глави, да научат да прифатат одговорност и да преземаат иницијативи за остварување на нивните идеи како за подобрување на својата иднина, така и да придонесуваат за иднината на околината во која живеат.

Факултети.мк: Дали образовниот систем во Македонија ги поттикнува децата на самоодговорност, креативност, да го изразат своето мислење, да ги споделуваат своите идеи? Дали тоа треба да биде улога на професорите или на заедничките напори на родителите, професорите и државните институции?

-Образовниот систем во државата има големи пропусти и дека е на незадоволително ниво во однос на поттикнување на учениците да го изразат своето мислење и да ги споделат своите идеи. Посебно не се обрнува внимание на воспитниот елемент во училиштата, а во поголем број од случаите тоа се случува поради тоа што програмите по предметите се преобемни, учениците често се преоптоварени со учење на материјал кој нема практична примена, а немаме ни можности за практична и теренска настава.

Голем дел од проектите во училиштата се про форма, односно само за да се остварат некакви норми кои не влијаат позитивно ниту врз наставникот, ниту врз ученикот. Секако дека треба да бидат вклучени сите при подобрување на школскиот систем, но тоа не треба да се прави избрзано и без претходна подготовка.


 Софија Бејковска-Чачаровска


Факултети.мк: Какви беа реакциите на Вашите ученици од битолската гимназија, откако слушнаа за Вашиот подвиг? Колку на младите луѓе во Македонија им е потребен модел, со кој ќе се идентификуваат за постигнување на сопствени успеси?

-Не можам да зборувам во името на моите ученици. Најдобро е ова прашање да го одговорат тие. Се надевам дека позитивно реагираа и се надевам дека мојот подвиг ги поттикнува и учениците, а и другите луѓе да го даваат секогаш својот максимум кога се работи за остварување на нивните цели. А најважното при остварување на своите цели е тоа да го прават со голема љубов.

Ако зборуваме за модел или идол, страшно се противам учениците да следат некаков модел или да почитуваат некакви идоли, туку секогаш да знаат да ги почитуваат и согледуваат добрите дела на различни луѓе за различни работи и на тој начин да знаат што од тоа би искористиле за градење на својот карактер и своите лични вредности.


 Софија Бејковска-Чачаровска


Факултети.мк: Дали Вие како професор ги учите децата да бидат упорни, да имаат љубов и ентиузијазам за нештата што сакаат да ги остварат?

-Па, нормално. Тоа е првото нешто кое ми паѓа на памет кога ќе се спомне работа со ученици. Но внимавајте, јас како предметен наставник сум само 90 минути присутна во одреден клас, така што голема улога за нивното учење да бидат упорни и да имаат љубов за нештата кои сакаат да ги остварат имаат и другите предметни наставници, семејствата во кои живеат и целата локална средина.

Факултети.мк: Дали Вашиот подвиг самоиницијативно да го препливате Охридското Езеро направи промена во Битола или поттикна реакција од градските власти за изградување на затворен базен во Битола, како и во другите македонски градови?

-Мојот подвиг ја поттикна јавноста да ја увиди потребата за изградба на затворени базени, не само во Битола, туку и во другите градови и даде огромна поддршка за идејата, но за градските функционери не можам да зборувам, бидејќи никој не се обратил пред пошироката јавност и не дал изјава во однос на потребата за изградба на затворен базен.

Факултети.мк: Дали Вие лично или во соработка со пливачките друштва во Македонија ќе продолжите со иницијативата за подигнување на свеста за градење на затворен базен во Битола?

-Свеста за градење на затворен базен веќе е подигната. Битолчани го очекуваат базенот повеќе од 30 години. Локалната самоуправа најверојатно нема слух за овој проблем и го смета за неважен.
Подготвил: Светлана Петковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот