X
 29.12.2016 Образование

Интервју со Михаела Ангелова: Во Париз го испитува меѓусебното влијание на ракот и имунолошкиот систем


 
Д-р Михаела Ангелова лани се закити со признанието „Најдобар млад научник“ за 2015 година, што го доделува Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. Со оглед на тоа што рокот за пријавување за оваа награда истекува во сабота (31 декември), ја побаравме Ангелова, која моментно е медицински истражувач во Истражувачкиот центар „Корделие" во Париз, која ни откри дека работи во областа на имунологијата на туморот. За наградата најдобар млад научник вели дека пред сè, и била голема чест.

- Најпрво, наградата ми причинува големо лично задоволство, затоа што го одбележа и валидира повеќегодишниот труд и интензивно истражување вложени во текот на моите докторските студии. Притоа мојот круг на поддршка значително се прошири. Едно вакво одликување претставува огромна чест и голем стимул за понатамошни истражувања, а воедно и нуди можности за професионално поврзување со Македонија - вели Ангелова.

Факултети мк: Во моментот сте истражувач, постдокторант, биоинформатичар, во Лабораторијата за интегративна имунологија на ракот, Француски национален институт за здравје и медицински истражувања INSERM, Истражувачки центар „Корделие" во Париз. На што конкретно работите и какви можности за истражување имате во овој центар?
- Моментално истражувам во областа на имунологијата на туморот. Работам на интегрирање разновидни податоци на молекуларно ниво за нивна потенцијална интерпретација и примена на клиничко ниво. Тимот во кој работам обединува експерти од различни области, каде што на систематски начин се изучува сложената врска меѓу туморот и имунолошкиот систем.

Факултети.мк: Водите борба со ракот со вашите научни истражувања. Што поточно истражувате кога е во прашање оваа болест?
- Целта на моите истражувања е меѓусебното влијание на ракот и имунолошкиот систем. Идејата дека нашиот имунолошки систем е способен да ги елиминира трансформираните туморни клетки е постара од еден век, но дури во последните неколку години истражувањата во областа на имунологијата на туморот помогнаа да разбереме повеќе за оваа комплексна врска. Имунолошкиот систем изведува низа комплексни и координирани интеракциикои го заштитуваат организмот, како од инфекции, така и од туморни клетки, но истовремено, самиот тумор може да изнајде начини да ја избегне контролата од страна на имуниот систем. Едно од прашањата на кои работам е како се менува динамиката меѓу туморните и имуните клетки во повеќе фази на трансформацијата на туморот: од фаза на бенигно, малигно, па до метастатко ткиво. На пример, како генетските промени, кои се неизбежен дел од процесот на трансформација на туморот, се одразуваат на имунитетот против туморот. При тоа користиме различни технологии кои го откриваат профилот на туморот на ниво на ДНК и РНКи технологии кои ја откриваат архитектурата на туморот на клеточно ниво.



Факултети.мк: Многу граѓани ја губат битката со оваа смртоносна болест. Ракот „коси“ и во Македонија. Кои се најновите сознанија кои ќе помогнат при лекувањето и има ли превентивни мерки кои може да ја намалат смртноста?
- И покрај тоа што одговорот на ова прашање може да се разликува за различни типови на ракот, генерално едно од најновите постигнувања во оваа област е имунотерапијата. Со новите сознанија за имунологијата на туморот, реализацијата на идејата да се третира туморот индиректно преку манипулирање со имуниот систем (т.н. имунотерапија на ракот) ги даде и првите успешни резултати во клиниките. Овој начин на лекување го насочува имуниот систем да се бори против туморните клетки, на тој начин што го откочува или пак го зајакнува надзорот од имуниот ситем. Остануваат отворени прашањата зошто не сите пациенти реагираат на постоечките терапевтски методи, како најдобро тие да се стратифицираат и кој третман е оптимален за овие пациенти.

Факултети.мк: Доктор на науки сте по биоинформатика. Какви можности за младите отвара изучувањето на оваа наука?
- Биоинформатиката веќе стана неопходен дел од истражувачкиот процес. Денешните технологии за генерирање на високо-опсежни податоци се доволно брзи и финансиски се подостапни. На располагање ни се податоци кои што пред само неколку години беше незамисливно да се добијат, а тоа значи дека моментално постојат и многу прилики за прв пат детално да се проучуваат различни проблеми. На пример, интегрирањето на високо-опсежни податоци во клиниките би ги поставило и темелите за персонализирана медицина. Биоинформатиката има широка примена во најразлични истражувачки проблеми. Притоа може да задоволи различни интереси, од анализа на податоци, моделирање, развој на методи, па до развој на софтвер со биолошки примени.

Факултети мк: Сте стекнале образование и тука, но и надвор, во други земји. Што Ве фасцинира кај образовните програми со кои се сретнавте во другите земји?
- Најголемиот дел од образованието го стекнав во Македонија. Во текот на магистерските студии имав можност да работам неколку месеци во Грац, Австрија. Ваквите можности за мобилност на студентите сметам дека се особено значајни за стекнување на нови искуства и знаења. Кај докторската програма во Австрија ми се допадна тоа што процесот на тренирање не само што беше насочен на техничкиот дел, туку и на припрема на докторантите за истражувачка кариера преку стекнување вештини кои што се потребни во идните фази на истражувачкиот процес, како на пример олеснети можности за соработка меѓу докторанти, запознавање со начинот на развој на истражувачка кариера преку комуникација со експерти кои веќе се оствариле во процесот, како и редовни дискусии и презентирање со експерти во пошироката истражувачка област. Моментално работам како постдокторант во Париз, каде што особено ми се допаѓа мултидисциплинарноста на тимот и можноста за проширување на хоризонтите на истражување.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование