X
 15.05.2017 Образование

Интервју со Христијан Ѓорески, најдобар млад научник за 2016 година: Од вештачката интелигенција не треба да се плашиме

Во последно време, сè повеќе сме сведоци на успешни проекти во нашето секојдневие кои се засновани на вештачка интелигенција, како што се: автономни возила, индустриски роботи, медицински експертни системи, итн. Според мене, вештачката интелигенција сè повеќе ќе биде присутна во нашето секојдневие, пред сè во медицината, здравјето, транспортот, астрономијата и слично - вели Христијан Ѓорески, најдобриот млад научник за 2016 година.



Признанието „Најдобар млад научник“ за 2016 година му припадна на Христијан Ѓорески, кој работи во областа на вештачката интелигенција. Ѓорески е роден во 1987 година во Прилеп, дипломирал во 2010 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитет „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, магистрирал во 2011 година на Институтот „Јожеф Стефан“ во Словенија, а докторирал на истиот институт во 2015 година. Моментално работи како постдокторски истражувач на Универзитетот во Сасекс во Обединетото Кралство. Во интервју за Факултети мк вели дека се чувствува одлично што е добитник на ова признание и дека му е мотив уште повеќе да работи, истражува и да се надградува. - Би сакал да изразам голема благодарност до Претседателот и да ја пофалам оваа иницијатива која што ја поттикнува и негува научната дејност кај младите - вели тој.

Факултети мк: Сте дипломирале во 2010 година на Факултетот за електротехника и информациски технологии на Универзитет „Св. Кирил и Методиј" во Скопје. Во какви сеќавања Ви се студентските денови и колку ФЕИТ Ве подготви за понатамошното образование?

- Моето искуство со ФЕИТ и студентските денови се одлични. Факултетот ми даде одлична основа, посебно во областа на компјутерското инженерство и информациските науки, за да продолжам во научно-истражувачките води. Во текот на моите постдипломски студии во Словенија, како и во истражувачката дејност во Англија, во ниту еден момент не почувствував дека образованието што го стекнав на ФЕИТ не е доволно или дека сум на пониско ниво во споредба со моите колеги.

Факултети мк: Сте магистрирале во 2011 година на Институтот „Јожеф Стефан“ во Словенија. Какво е искуството кога е во прашање словенечкото образование?

- Словенечкото образование и словенечкиот образовен систем е сличен со нашиот, со таа разлика што факултетското образование е целосно бесплатно. Кога станува збор за информатичкото факултетско образование, словенечките факултети се за нијанса повеќе ориентирани кон праксата. Конкретно, од студентите се очекува повеќе да програмираат и да работат на семинарски проекти како и извршување на годишна задолжителна пракса во фирма или институт. На овој начин студентите се повеќе спремни за работа во компанија после завршувањето на факултетот. Меѓутоа, колку што можам да забележам во последниве години работите се придвижуваат во оваа насока и тука во Македонија.

Факултети мк: Наградата Ви е доделена како резултат на вашите истражувања од областа на вештачката интелигенција. Што конкретно е поле на Ваш интерес?

- Мојата научно-истражувачка работа е во полето на Вештачката Интелигенција, односно развивање на алгоритми за обработка на сензорски податоци за градење на интелигентни системи кои што наоѓаат примена во спортот, здравството, грижа на стари лица, и слично. Дел од истражувачките области и проблеми на кои што сум работел се: автоматско препознавање на човечки активности, автоматско препознавање на стрес, детекција на паѓање, оценување на потрошената енергија во секојдневните активности, и слично.



Факултети мк: Сте докторирале исто така во Словенија, а моментално работите како постдокторски истражувач на Универзитетот во Сасекс во Обединетото Кралство. Каква можност за истражувања Ви нуди оваа образовна институција?

- Универзитетот во Сасекс е релативно голем универзитет, кој што опфаќа факултети од речиси сите области: право, економија, медицина, електротехника, компјутерски науки и слично. Со тоа се овозможува поголема мултидисциплинарност во самото истражување, односно по потреба може релативно лесно да се формира мултидисциплинарен тим кој што би работел на проект кој што би опфаќал повеќе области. Јас конкретно работам во институтот за Сензорски Технологии, каде што работат истражувачи од различни области вклучувајќи: физика, електротехника, астрономија, компјутерски науки, и слично. Моментално сум вклучен во два проекти. Првиот проект е финансиран од Обединетото Кралство, од агенцијата задолжена за истражувања во електротехниката. Проектот има за цел развивање на софтвер кој што ќе анализира сензорски податоци и ќе ги препознава човечки активности при тоа користејќи ги сензорите што се присутни во паметните телефони и паметните часовници. Другиот проект е повеќе индустриски ориентиран и е финансиран од Хуавеи – водечка телекомуникациска компанија и производител на мобилни телефони од Кина. Целта на овој проект е препознавање на начинот на транспорт (автобус, воз, автомобил и слично) со помош на сензорите кои што се присутни во паметните телефони.

Факултети мк: Каква иднина ѝ предвидувате на вештачката интелигенција?

- Многу често вештачката интелигенција се доживува во негативен контекст и како нешто од кое што треба да се плашиме. Но, вештачката интелигенција не треба да се гледа како копија или како конкуренција на природната интелигенција. Напротив, вештачката интелигенција е всушност алатка за подобрување на општеството и условите во кои живееме. Во последно време, сè повеќе сме сведоци на успешни проекти во нашето секојдневие кои се засновани на вештачка интелигенција, како што се: автономни возила, индустриски роботи, медицински експертни системи, итн. Според мене, вештачката интелигенција сè повеќе ќе биде присутна во нашето секојдневие, пред сè во медицината, здравјето, транспортот, астрономијата и слично.



Факултети мк: Не заостанувате кога се во прашање и иновациите во науката. Коавтор сте на меѓународна апликација за патент во Обединетото Кралство, коавтор на два патенти во Република Словенија. За какви иновации станува збор?

- Првата иновација што ја патентиравме во Словенија е систем кој што се поставува на врата и препознава кој ја отвора вратата. Системот го анализира начинот на отворање на вратата, нејзиното движење и забрзување, и со помош на алгоритми од областа на вештачката интелигенција, поконкретно машинското учење, препознава дали личноста која што ја отвора вратата е веќе позната или е нов корисник. Другата иновација што е исто така патентирана во Словенија е систем за препознавање на човечки активности, кој што користи сензори кој што се носат (на пример паметен телефон или паметен часовник). Последната иновација, за која што имаме поднесено патентна пријава во Обединетото Кралство е систем кој што препознава дали корисникот кој што го користи мобилниот телефон е во улога на возач. Односно, целта на системот е да препознае возач кој што користи мобилен телефон додека вози.

Факултети мк: Какви се вашите планови за иднината, дали ќе се вратите да работите тука во Македонија или имате желба да се занимавате со наука некаде надвор во друга земја?

- Можеби една од најдобрите работи поврзани со науката е можноста да се патува и отворањето на вратите кон целиот свет, односно можноста да се работи во различни држави, на различни континенти. Моментално разгледувам повеќе опции и наредниве неколку месеци ќе ги искористам да ја одберам најдобрата опција. Опциите се доста различни, од тоа да продолжам во академија со наука и истражување, до тоа да би продолжил како истражувач во индустрија, па и опција да би основал своја компанија. Што се однесува до локацијата, каде би продолжил, исто така не сум одлучен, но во последно време сè повеќе ја разгледувам можноста да се вратам дома, во Македонија.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование