X
 16.03.2020 Технологија

Како новиот звук на електричните автомобили може да им помогне на растенијата?

Компанијата „Ајакс“, независен произведувач на „тојота“ од Уругвај, има одлична идеја - сака нејзините електрични автомобили да произведуваат звук што ќе им помага на растенијата во градските средини побрзо да растат. На тој начин не само што ќе се реши непредвидливиот проблем со безбедноста на електричните возила туку и ќе се направи нешто добро за животната средина.

Проблем со тишината

Како што светот ја забрзува својата борба против климатските промени, станува појасно дека во блиска иднина електричните автомобили напојувани од обновливи извори на енергија целосно ќе ги заменат стандардните возила со мотори со внатрешно согорување.

Покрај тоа што ќе емитуваат помалку гасови, употребата на електричните автомобили целосно ќе ги елиминира и останатите видови загадувачи што излегуваат од ауспухот и ги прават нашите градови помалку пријатни места за живеење.

Но, не само што во иднина ќе дишеме почист воздух, туку и ќе живееме во градови што ќе бидат помалку бучни. Причина за тоа е што електричниот мотор кој ги напојува овие автомобили ќе произведува помалку врева од вашиот лаптоп. Електричните автомобили при мали брзини ќе бидат толку тивки, што тоа ќе претставува проблем.

Истражувањата покажаа дека електричните автомобили имаат за околу 40 отсто поголема шанса да учествуваат во сообраќајни несреќи во кои се вклучени пешаци и тоа затоа што не произведуваат звук што на пешаците би им најавил дека доаѓа автомобил.

Затоа низ светот стапуваат во сила закони што пропишуваат сите електрични автомобили да мора да произведуваат вештачки звук. Предлозите за тоа како треба да звучат автомобилите се разни, но идејата на компанијата „Ајакс“ е посебна.

електричен
Фото: Pixabay

Звук што ќе ги прави растенијата среќни


Идејата дека звукот може да влијае врз растот на растенијата не е нова. Со години научниците се занимаваат со истражувања на оваа тема и покажале дека растенијата што се изложени на звуци даваат подобри резултати од оние што растат во тивка средина.

Овие истражувања им биле на ум на инженерите на компанијата „Ајакс“ и нејзините партнери кога размислувале каков звук треба да произведуваат електричните и хибридните модели на „Тојота“.

Тие тврдат дека успеале да развијат звук со точно одредена фреквенција што поттикнува раст кај растенијата, ја подобрува количината на течноста во ѕидовите на нивните клетки и ги развива заштитните ензими, а самиот проект е наречен „Ха“, кратенка од зборот хармонија. Во „Ајакс“ веруваат дека доколку автомобилите звучат така, тоа значително би помогнало во растењето на градската вегетација.

За разлика од препознатливиот звук на мотор со внатрешно согорување, звукот развиен во рамките на проектот „Ха“ звучи поинаку, па дури е малку смирувачки, со што фреквенцијата на звукот би се зголемувала со забрзувањето на автомобилот.

Дали овој звук навистина може да им помогне на растенијата?


Иако идејата звучи интересно, не постои потврда дека звукот навистина ќе го поттикне растот и здравјето на растенијата. Од уругвајската компанија дизајнирале звук што се покажал како благотворен за растенијата во истражувањата, но големо прашање е како ќе се покаже во реална средина.

Сепак, „Ајакс“ сака ова да биде нов стандард за сите електрични возила и планира ширење на многу светски пазари. Директорот Алехандро Курцио во својот автомобил „тојота“ одамна вградил електроника што овозможува да произведува нов звук што би требало да им помага на растенијата. Покрај тоа, компанијата веќе почнала истите уреди да ги вградува во сите нови автомобили на „Тојота“ што се склопуваат во Уругвај, а одобрени се и пилот-тестирања во уште некои земји во Јужна Америка, како Бразил и Аргентина.

Доколку голем број возила на улиците звучат вака, тоа ќе ја зголеми веројатноста зеленилото во градовите да има корист од густиот сообраќај.

Извор: Klima101.rs
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија