X
 03.03.2017 Живот

Во Македонија нема увоз на детски кашички во кои е најден арсен

Детските кашички од ХИП производителот во кои, во соседна Србија било најдено недозволено количество на арсен не се увезувале во Македонија, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство. Агенцијата, велат оттаму, нема добиено нотификација преку Системот за брзо предупредување за храна и храна за животни (Rapid Alert System for Food and Feed) на Европската Унија за небезбедна пратка - храна за бебиња „ХИП Био инстант кашичка од оризови снегулки“, 20 грама нето, со лот: ‎6001791.


- Инспекциските служби во текот на денешниот ден направија проверка со компанијата увозник и застапник на ХИП производите за пазарот на Република Македонија, при што е констатирано дека спорната пратка - инстант кашичка од оризови снегулки во пакување од 20 грама, со посочениот лот, воопшто не е увезена во Република Македонија - информираат од Агенцијата.
Оттаму додаваат дека производството, увозот и ставањето во промет на храна за доенчиња и мали деца подлежи на посебен режим на одобрување.

- Ваквата храна во поглед на составот и означувањето, мора да биде во согласност со Правилникот за посебните барања за безбедност на храна за доенчиња на житна основа и Правилникот за посебните барања за безбедност на млечната храна за доенчиња. Подзаконските акти кои ја регулираат безбедноста на ова категорија храна (детска и доенечка храна) се усогласени со европската легислатива - велат од Агенцијата.

Инаку, српското Министерство за здравство на веб сајтот објави информација дека храната за бебиња и мали деца „ХИП Био Инстант кашишка-оризови снегулки“, 20 грама нето е забранета за увоз во оваа држава поради тоа што бил најден арсен повеќе од дозволените количества во тамошните Закон за безбедност на храната и Правилник за здравствена исправност на диететски производи.

Лабораториските анализи, како што се наведува во информацијата, ги извршила овластена и акредитирана лабораторија на Градски завод за јавно здравје-Белград, а увозникот се изјаснил дека не сака суперанализа на примерокот.
Со решение било наредено спорните примероци да се вратат на испорачателот и на безбеден начин да се уништат во овластена организација.

Зголемени количества на арсен може да се опасни за човековиот организам. Болестите предизвикани од труења со арсен вклучуваат нарушувања на кожата, белите дробови и срцето, проблеми на системот за варење и можни канцерогени ефекти. Нивоата на арсен во повеќето прехрамбени артикли се ниски.
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот