X
 19.09.2017 Технологија

Запознајте го Даријан Шекеров, средношколецот што создава андроид-апликации со кои им помага на луѓето

„Слико збор“ е неговата најуспешна апликација - досега е преземена 10.000 пати



Тој има само 15 години и еден куп медали од балкански, европски, но и светски натпревари. Треба да се гордееме со Даријан Шекеров, ученик во прва година во International High School во Скопје, за кого информатиката е голем предизвик. Неговиот последен меѓународен успех се случи токму пред една недела. Даријан освои два бронзени медала во Софија, Бугарија, и тоа: на првата Европска јуниорска олимпијада по информатика, каде што се натпреваруваше со 84 учесници од 22 земји, и на 11. Јуниорска балканска олимпијада по информатика, во конкуренција на девет балкански земји.

Посакавме да дознаеме нешто повеќе за најдобриот ученик на генерацијата 2008/2017 во скопското ОУ „11 Октомври“. Љубовта кон компјутерите се родила уште на две-три години, ама на убав начин, покрај едукативните игри што неговите родители му ги купувале. Преку нив научил да чита и да пишува, прво на латиница, а потоа на кирилица.



-Бидејќи бев многу заинтересиран за компјутерите, почнав да учам програмирање. Прво преку интернет, а потоа и преку посетување курсеви. Всушност, така и почнав со натпреварите по информатика. Покрај курсевите што ги посетував во Семос едукација и Сивус едукација и интернет, најмногу научив и од мојот досегашен ментор, проф. Борис Попов во ICT Talent – Ilumine, кој многу ми помогна околу мојата едукација во програмирање и алгоритми за информатичките натпревари. За жал, тој веќе една година живее и предава во Канада – вели Даријан.

Го прашавме зошто ја сака информатиката.

-Ја сакам информатиката бидејќи е присутна насекаде, нуди многу можности и е многу интересна наука. Исто така, ме привлекуваат информатичките натпревари затоа што преку нив стекнувам пријателства и учам повеќе. Информатиката ми нуди многу можности за напредување, нови знаења, искуство, забава и успех за мојата понатамошна професија.



Покрај натпреварувачкото програмирање, Шекеров развива и апликации и веб-страници. Најмногу е посветен на андроид-апликациите. Веќе има направено 16 апликации кои се достапни на „Гугл Плеј стор“ и се бесплатни, може секој да ги преземе и да ги користи од андроид-уред.

Неговата најпопуларна апликација е „Слико збор“, наменета за деца со попреченост во говорот и аутизам.

-За истата ја освоив Светската награда World Summit Youth Award за 2016 во категорија „Борба против болести и глад“ и во конкуренција од неколку илјади претприемачи со проекти од цел свет, која ми беше доделена на почетокот од годинава. Ова е мојата најуспешна апликација затоа што досега е симната повеќе од 10.000 пати – вели Даријан.

Со оваа апликација не застанал неговиот интерес за создавање апликации што ќе им помагаат на луѓето, а посебно на децата. Продолжение на „Слико збор“ е „Шарена азбука“, наменета за малите деца од претшколска возраст за учење на македонската азбука и првите зборови. Даријан ни открива дека таа исто така ќе биде наменета и за деца со попреченост во говорот.



Не крие дека се радува на наградите бидејќи го поттикнуваат да постигне уште поголем успех на наредните натпревари.

Даријан поминува најчесто по два часа во тајните на информатиката, а кога е послободен, и повеќе часа доколку вежба задачи за натпревар. -Покрај информатиката, ги сакам математиката, физиката и хемијата бидејќи исто така и на нив освојував награди на натпревари во основно. Но најмногу од нив ја сакам математиката бидејќи е многу блиска со информатиката – ни признава Даријан.



Вели дека сепак наоѓа време за учење, но и за дружење со другарите и за физичка активност.

-Бев на пливање во текот на летниот распуст и многу често играв кошарка, возев велосипед или шетав со моите другари.

Предизвиците за Даријан не стивнуваат. Периодов е фокусиран на учењето и на подготовките за идните натпревари по информатика и по математика.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија