X
 25.10.2017 Живот

Што треба да знаете за референдумот за автономија во Ломбардија и Венето?

lombardija

Лидерите на два региона од северниот дел на Италија во неделата прогласија победа на референдумите за поголема автономија. Конечниот број гласови покажа дека 95 отсто од гласачите во Ломбардија и 98 отсто од Венето дадоа поддршка за поголема автономија. Што треба да знаете за овие референдуми?

1. Едноставно прашање

Референдумите немаат обврзувачки последици за регионалните законодавци. Гласачите што живеат во Венето одговараа на прашањето: „Дали сакате Венето да добие дополнителни форми и посебни услови за автономија?“, додека граѓаните на Ломбардија одговараа на прашањето: „Дали сакате регионот Ломбардија, во рамките на националното единство, да ги започне потребните институционални иницијативи за да побара од државата да почне посебни форми и услови на автономија, со соодветни ресурси, на начин и за цели предвидени во член 116, параграф 3 од Уставот?“

2. Зошто да гласаат?

Ломбардија е комерцијален центар на Италија и претставува околу една петтина од бруто-домашниот производ на земјата, додека Венето произведува нешто помалку од 10 отсто од националниот БДП. Данокот останува клучно прашање во срцето на стратегијата на Северната лига. Нејзините политичари, меѓу кои и гувернерите на Венето и на Ломбардија, Лука Заја и Роберто Марони, отворено побараа отцепување од Рим.

Многу жители не се согласуваа голем дел од нивните даноци да се користат за финансирање на посиромашните јужни региони.

Пред неколку години италијанскиот Уставен суд го отфрли оригиналниот план на Заја да побара од гласачите да одговорат дали сакаат Венето да се отцепи од Италија.

3. Гласањето е легално, но непотребно


Референдумот е уставно законски. Текстот од 1948 година на италијанските региони им нуди можност од владата да побараат поголема автономија во 20 области, вклучувајќи ги и надворешната трговија, работните права, здравството, енергетската политика и транспортот. Меѓутоа, досега опцијата никогаш не била искористена од обичните региони.

На регионите им е дозволено да преговараат со Рим за овие прашања без одреден мандат.

4. Тогаш, зошто луѓето гласаат?


Политичарите од десното крило инсистираат на потребата за поголема автономија во областите, како што се имиграција, оданочување и безбедност, кои паѓаат под надлежност на државата. Законот дури им забранува на Заја и на Марони да преговараат за статусот „специјална административност“, без одржување национален, уставен референдум.

Двајцата гувернери се обидуваат да добијат „посилен популарен мандат“ за преговори со Рим.

Сепак, многу критичари го нарекоа овој потег популистички и „процедурално бескорисен“ - Ломбардија ќе гласа за нов регионален совет во 2018 година, а референдумот се смета за почеток на нивната изборна кампања.

Парламентарните избори се закажани за наредната година, а активистите на Северната лига се надеваат дека овој потег ќе ја засили нивната поддршка.

5. Првото дигитално гласање


Ломбардија првпат експериментира со форма на дигитално гласање, инвестирајќи 23 милиони евра во таблети, кои подоцна ќе бидат прераспределени во училиштата. Венето гласаше со старомодните гласачки ливчиња.

6. Сите партии го поддржуваат референдумот


И покрај тоа што беше идеја на Северната лига, скоро сите партии го поддржаа референдумот. Сите центристички политичари се согласуваат со потребата од поголема локална автономија, а поранешниот премиер Берлускони изјави дека секој регион треба да одржи сличен референдум.

Дури и Демократската партија не се спротивстави отворено.

Градоначалникот на Милано, левоориентираниот Џузепе Сала, ги повика гласачите да кажат „да“ на предлогот, како и политичарите од Рим.

7. Гласачите избраа „да“ - што понатаму?

Со оглед на тоа што референдумот беше прогласен за успешен и гласачите гласаа за поголема регионална автономија, Ломбардија и Венето ќе побараат од националната влада да отвори преговори за тоа кои прашања ќе бидат разгледани и како билансот на моќта ќе се префрли од Рим во Милано и Венеција. Потоа договорот треба да биде одобрен од парламентот.

8. Венецуелската врска


Се појавија контроверзии околу софтверската компанија што ја избра Ломбардија за да го постави системот на гласање.

Мултинационалната компанија „Смартматик“, чиј сопственик е од Венецуела, е позната по производство на електронски решенија за гласови и за партнерство со владата на Венецуела за време на изборите, а резултатите од анкетата често се поврзуваат со неправилности.

Исто така, компанијата е под истрага во Америка по локалните избори во Чикаго во 2006 година, во кои гласачките машини биле обвинети за одложувања и неправилности.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот