X
 18.11.2017 Образование

Тркалезна маса на Филозофскиот факултет: Западниот Балкан во услови на мигрантска криза

Кои се причините и последиците од меѓународните интервенции на Блискиот Исток и Северна Африка, како се менаџираат кризните состојби, како функционираат службите за цивилна заштита



„Јакнење на капацитетите и ресурсите во услови на мигрантска криза на Западниот Балкан“ е насловот на меѓународната тркалезна маса што во вторник ќе се одржи на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Експерти од земјава и од регионот ќе дискутираат за причините и последиците од меѓународните интервенции на Блискиот Исток и Северна Африка, како се менаџираат кризните состојби, како функционираат службите за цивилна заштита.

Тркалезната маса ја организираат скопскиот Филозофски факултет, Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии од Сараево (ФККБС) и Универзитетот за применети науки од Велика Горица, Хрватска. Досега своето присуство го потврдиле нашиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на Центарот за управување со кризи, Агрон Буџаку, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски, босанскохерцеговската амбасадорка во нашата земја, Лепа Бабиќ, претставници од американската амбасада, од Црвен крст, УНИЦЕФ, „Ла Страда“ и други.


Деканите Неџат Корајлиќ и Ратко Дуев (десно) на средба во Сараево

Деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Ратко Дуев, објаснува дека со деканот на Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии при Универзитетот во Сараево, проф. д-р Неџат Корајлиќ, и со деканот на Универзитетот во Велика Горица, проф. д-р Иван Тот, веќе почнале иницијатива за вмрежување во областа на безбедноста и миграциите и акредитирање на летни школи и размена на наставници и студенти.
- Токму тоа е целта на тркалезната маса - информација и дебата за летната школа што ќе се одржи од 11 до 18 јуни 2018 година, со предавачи и стручни лица од трите земји, во која сите заинтересирани ќе добијат диплома потпишана од трите универзитети – вели Дуев.

Дебатата во вторник почнува во 10 часот. За геополитиката нa тeковната миграциска криза ќе зборува проф. д-р Јасмин Ахиќ, продекан за наука на ФККБС. Тој ќе се осврне на безбедносните аспекти, причините, последиците од меѓународните интервенции на просторот на Блискиот Исток и Северна Африка, политиките на САД, Русија, ЕУ и Турција во наведените подрачја, причините за почеток на миграциските бранови во 2015 година, кои траат и денес.

Д-р Златко Николоски од Националниот координативен центар за гранично управување ќе зборува за искуствата при организација на подготовките за пристигнување на мигрантите. За изградбата на транзитните кампови, позитивните и негативните примери за меѓусебната и соработката со соседните држави во одговорот на миграциската криза (2015–2017) и активирањето на меѓународната помош.

Споредбена анализа во концептот на заштита и спасување ќе направи Фахрудин Солак, директор на Федералната управа за цивилна заштита на Босна и Херцеговина. Проф. д-р Марина Митревска од Филозофскиот факултет во Скопје ќе има експозе за концептот на цивилната заштита како платформа за развој на кризниот менаџмент, додека системот за цивилна заштита е институционална рамка за соработка на сите учесници во цивилниот сектор - полиција, армија во вонредни околности. Ќе следува и расправа за актуелната мигрантска криза и предлози за унапредување со посебен осврт на БиХ, Хрватска и Македонија.


Мигрантската криза во 2015 година                  Фото: УНИЦЕФ/Ѓорѓи Клинчаров

Искуствата на Хрватска и на Босна и Херцеговина со мигрантската криза ќе ги претстават деканите Иван Тот и Неџат Корајлиќ. Тие ќе зборуваат за феноменологијата на кризното комуницирање и управување, за изборот на ефективни мерки за приспособување во кризни состојби, дизајнирање систем за одговор на криза, рационално користење на расположливите средства и ресурси. Проф. д-р Адмир Хаџикадуниќ, раководител на програмата за доживотно образование на ФККБС, вели:
- Човечките ресурси се најважниот сегмент на сите делови на човековите активности, а стекнатите вештини и компетенции за извршување општи и посебни задачи во работните активности доаѓаат до израз во услови на кризни ситуации, особено во непредвидени кризни состојби причинети од природни катастрофи и мигрантски кризи. Тој ќе има поопширно излагање на оваа тема.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование