X
 17.05.2017 Образование

Психолозите советуваат: Родители, не стојте на страна додека вашето дете одлучува на кој факултет ќе се запише

Родителите треба да ги сослушаат своите деца со цел да ги разберат, а не да им наметнуваат готови решенија или да се обидат да ги предомислат во нивните избори, вели психологот Марија Котевска Димовска

Запишувањето на факултет е подеднакво стресно за речиси сите матуранти - и за оние што одамна решиле што ќе студираат, но и за тие што сѐ уште се двоумат каде да го продолжат своето високо образование. Овој период е многу стресен и за родителите на идните бруцоши, при што најголем дел од нив имаат дилема како да се постават кон своите деца. Дали да се вмешаат во нивниот избор на факултет и да им дадат сугестии кон што да се насочат или целосно да стојат на страна и да го остават детето да одлучи? Што ако не се согласуваат со неговиот избор на факултет?

Психолозите сметаат дека во ваквите ситуации ниту една крајност во однесувањето на родителите не е добра за матурантите. Родителите не треба да им го наметнуваат своето мислење, но не треба ниту целосно да стојат на страна.

- Постојат многу начини и методи како може да се помогне на детето матурант, но секако нема да се погреши ако се почне со искрен разговор. Важно е да не му се нудат готови решенија, бидејќи младите треба самите да одлучуваат кога станува збор за нивната иднина. Родителите треба да ги сослушаат своите деца со цел да ги разберат, а не да им наметнуваат готови решенија или да се обидат да ги предомислат во нивните избори - смета психологот Марија Котевска Димовска.

Последните анкети спроведени врз матурантите во земјава покажуваат дека 80 отсто од нив самите ја носат одлуката на кој факултет ќе се запишат, но сепак нагласуваат дека препораките и советите од нивните родители имаат големо влијание врз крајната одлука.

- Некои родители прават грешка кога ги преоптоваруваат своите деца со секојдневни совети или одат толку далеку што им наметнуваат свои избори. Но, грешка прават и родителите кои се сосема рамнодушни, делуваат незаинтересирано и не сакаат на било кој начин да ја преземат одговорноста за одлуката на нивните деца. Современата психологија укажува дека родителите треба да бидат помош и поддршка на своето дете, но дека изборот е сепак одлука на идниот студент - потенцира Котевска Димовска.

Една од најконфликтните ситуации меѓу родителите и матурантите е кога тие не се согласуваат со изборот на своето дете. Во ваква ситуација, советуваат психолозите, најпрво треба да се открие генезата на тоа несогласување. Понекогаш родителите преку децата се обидуваат да исполнат некои свои лични амбиции, па инсистираат на одреден факултет кој не е желба на матурантот. Доколку детето подлегне на овој притисок, може никогаш да не го заврши наметнатиот факултет.

- Ако несогласувањето е од објективни причини, добро е детето малку повеќе да се информира за преферираната професија и неколку дена да помине со луѓе кои ја работат таа работа. Ако ни тогаш не се предомисли, нема потреба од натамошен притисок, тоа ја донело својата одлука. Родителот може да се сомнева дека амбициите на матурантот се поголеми од можностите, а понекогаш и нереални. Во ситуациите кога родителот согледа несовпаѓање помеѓу желбите и можностите, потребно е да му помогне на своето дете да направи правилен избор - вели Котевска Димовска.

Едни од најголемите грешки што ги прават родителите пред запишувањето на факултет на нивните деца е кревањето тензија поради што тој упис ги оптоварува и нив, за што психолозите потенцираат дека не е конструктивен пристап. Грешка е и кога целосно се повлекуваат „ за да не прават тензија“, но со тоа само го зголемуваат притисокот кај матурантот кој не секогаш може да се справи со таквиот момент.

- Родителите на средношколецот треба активно да му помогнат и да го намалат притисокот пред и при запишувањето на факултет, но никако да му наметнуваат избор. Добри е заедно со матурантот да ги истражуваат сите можности, да се постават добри прашања и да се понудат одговори од лично искуство. Родителите треба да го прашаат со што сака да се занимава во животот, каква е понудата на пазарот на трудот за саканата професија, кои се условите за упис, која е цената на школарината итн. Важно е да се земат предвид и успехот во средно училиште за да се согледаат реалните шанси за упис на саканите студии, состојбата на пазарот на трудот, статусот на акредитација на високообразовните институции и сл. - вели Котевска Димовска.

Според неа, за поголема сигурност во одлучувањето може многу да помогне и професионалната ориентација која вклучува психолошка проценка на способностите, личноста, интересите, мотивациите и очекувањата. Врз основа на тестови, интервјуа или комбинација од нив, детето од психолог добива препорака за тоа која професија му одговара и за која има предиспозиции да стане успешено.

Психологот Котевска Димовска ги советува сите родители на матуранти отворено да разговараат со своите деца за опциите кои им се на располагање за натамошното образование и идно вработување. Да пристапат со позитивен став кон неговите идеи и можности за да го пронајде задоволувачкиот кариерен пат.

- Меѓу другото, факултетот има задача да изгради самодоверба и независност кај студентите. Научете како да му пружите морална поддршка на вашето дете, поттикнете го да биде самојстојно, одговорно и верувајте му на неговиот избор - е советот на Котевска Димовска до родителите на матурантите.
Подготвил: Д.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование