X
 02.02.2018 Образование

Македонија во друштво со Данска, Шведска и Норвешка – англискиот го изучуваат 100 отсто од основците

Според податоците од Државниот завод за статистика, втор најизучуван јазик од 2013 до денес е германскиот. Претходно до 2013 година тоа место го заземал францускиот.



Во Македонија сите ученици учат англиски јазик. Ние сме една од ретките европски земји во кои 100 отсто од учениците од основното образование – предметна нaстава го учат англискиот како странски јазик. Ова го покажува анализата на „Евростат“, посветена на трендовите на изучување странски јазици во Европа. Само во шест земји, меѓу кои се Данска, Малта (во оваа земја е еден од официјалните јазици), Шведска, Лихтенштајн, Норвешка и Македонија, во 2015 година сите ученици од основното образование учеле англиски како странски јазик.
Оваа публикација покажува дека 98,6 отсто од учениците на оваа возраст во Европа учат странски јазик, од кои 58,8 проценти учат и втор странски јазик. Најчесто изучуван јазик е англискиот, со речиси 17 милиони ученици или 97,3%, потоа следува францускиот со 5 милиони ученици или 33,8%, па германскиот со 3 милиони ученици или 23,1%.

Германскиот јазик е во подем, за седум години има дополнителни 17 илјади ученици

Според податоците од Државниот завод за статистика, втор најизучуван јазик од 2013 до денес е германскиот. Претходно до 2013 година тоа место го заземал францускиот. На пример, во учебната 2009/10 година имало дури 41.353 основци што учеле француски јазик, а 27.795 германски. До 2013 година приматот го има францускиот, кога почнува вртоглаво да опаѓа. Лани, на пример, германски јазик учеле 44.462 основци, а француски 37.324. За седум години има пораст од 16.667 ученици во корист на германскиот јазик.



Англиски јазик во нашето образование е задолжителен од прво одделение. Според наставните програми, учениците изучуваат втор задолжителен јазик во предметна настава и во средно образование. Во соработка со странските амбасади во некои училишта се организира настава за втор странски јазик и за првоодделенците. Учениците може да направат избор кој јазик, покрај англискиот, ќе го изучуваат. Вообичаено се прават анкети пред почетокот на шесто одделение, па зависно од интересот, се одлучува кој јазик ќе се учи.

Англискиот на децата им е како мајчин јазик

Ако се анализираат податоците од статистиката, јасно е дека доминира германскиот јазик. Таков е и случајот во Основното училиште „Лазо Трповски“ во Општина Карпош. Директорката Елеонора Стрезовска вели дека иако тука порано се учел француски јазик, сега има групи само за германски.
- Нема никаков интерес за изучување на францускиот јазик. Не може да се направат групи, па затоа децата учат само германски јазик – вели Стрезовска.



Дека родителите потешко се одлучуваат нивното дете да учи друг јазик покрај англискиот во одделенска настава, покажува примерот во училиште во скопска општина. Родител ни изјави дека покрај задолжителниот англиски јазик, се договориле во училиштето да има курс по друг јазик, но не можело да се направи група.
- Англискиот им е веќе како мајчин јазик. Децата се изложени на јазикот од најмала возраст и брзо го совладуваат. Се отвори можност третоодделенците да учат и друг јазик во училиштето на курс, но повеќето родители пак избраа англиски. Неколкумина сакавме да учат или германски или француски, но не можеше да се формира група – вели таа.
Голем интерес за изучување на германскиот јазик има и во приватните училишта за странски јазици.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование