X
 30.03.2018 Живот

Упорноста се исплати - инвеститорите ја одбиле 148 пати, но сепак собрала 30 милиони долари

Кетрин Миншоу е коосновач и извршен директор на „Мјуз“. Додека барала инвеститори, таа била одбиена 148 пати. Но, имала повеќе стратегии за привлекување инвеститори и нашла начин како да се осигури дека нејзината идеја е остварлива.


Фото: Business Insider

Други претприемачи би се откажале по 148 одбивања и никој не би кажал некоја критика за откажувањето. Но, ако Кетрин цени нешто, тоа е истрајноста. Кога еден пристап не функционира, таа е подготвена да проба друг. „Мјуз“ е страница за барање работа и за совети за градење кариера. Во овој момент Кетрин и нејзините колеги имаат собрано околу 30 милиони долари.

Но, како што вели таа, страницата немала многу среќа на почетокот и се соочувала со „не“ додека барале инвеститори. Во првиот круг Миншоу била поодлучна за начинот на кој ги избирала инвеститорите. Таа утврдила дека две стратегии ѝ биле од голема помош.

1. Ги ставила сите први средби со инвеститорите во три седмици

Претходно, како што објаснува Миншоу, таа го прифаќала секој тајминг за состанок што ѝ бил понуден од инвеститорите. Сега, таа бара од нив да се сретнат во одредено време. Ако тие ѝ кажат дека не се слободни, таа им одговара: „Треба да завршам со сите наши први состаноци до Х датум. Можам да одложам неколку дена. Јавете ми ако тоа може да се реализира, ако не, во ред е. Можеби ќе има друг круг на состаноци во кој ќе можете да учествувате.“

Миншоу објаснува дека многу инвеститори велат дека ќе го поместат распоредот за да можат да дојдат на состанокот. Оние што не биле во можност или оние што рекле дека нема да можат, најверојатно никогаш немало ни да ја поддржат компанијата, смета таа.

2. Барала искрени повратни информации од корисниците

Оваа стратегија ѝ овозможила да биде убедена дека нејзината идеја е остварлива.

- Ако некому му кажете дека сте основач на компанија и побарате мислење, тој најверојатно ќе ви даде позитивно мислење бидејќи не сака да ви ги повреди чувствата. Ако кажете дека сте консултант кој ѝ помага на компанија да разбере како е позиционирана на пазарот или кој ѝ помага на компанијата подобро да разбере што прави добро, а што не, многу е поголема веројатноста луѓето да ви дадат целосно нефилтрирани повратни информации - вели Миншоу.

Врз основа на повратните информации што ги добивала од таргетираната публика, Миншоу сфатила дека предизвикала реакција. Иако имало делови во кои страницата можела да се подобри, имало потреба за „Мјуз“.

- Ние бевме на пат кој луѓето го сакаа - вели таа.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот