X
 18.03.2024 Живот

Онлајн услуги во општините: Достапни, а слабо користени

Истражување на УНДП покажа дека граѓаните во земјава не користат е-услуги во своите општини. Според истражувањето, цели 86% од граѓаните никогаш не користеле е-услуга на општината, наведувајќи различни причини. Притоа, најголем дел (48%) не знаеле дека услуги што се добиваат на шалтер можат да се добијат и онлајн.

Во прашалникот, како причини за слабата искористеност на е-услугите дел од испитаниците навеле и дека поедноставно им е да појдат во општинските канцеларии (15%), како и технички предизвици при користењето (12%).



Според претставниците од УНДП, дигиталната трансформација на општините не само што нуди подобри услуги за граѓаните, туку и помага во намалување на трошоците и ризиците за корупција.

Програмата на УНДП преку имплементација на неколку проекти ја поддржува дигитализацијата на општините во земјава.

- Ова е особено навремено и релевантно, имајќи предвид дека дигитализацијата нуди подобри услуги за граѓаните преку подобрување на времето на испорака, зголемување на транспарентноста и намалување на административни пречки - вели постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан.



Еден од примерите за успешна дигитализација е ЛОГЕС платформата, прв софтвер во државата за услуги на локално ниво, која веќе функционира во 25 општини.

- Платформата е поставена во облак и ви нуди услуги во секое време, секаде во светот каде што имате интернет-конекција, ви обезбедува безбедно онлајн плаќање и добивање на услугата од општината веднаш, по електронски пат, без да поминете ни минута во општинската зграда - изјави Емили Јовановиќ Локвенец, специјалист за информациски системи во УНДП.

Од граѓаните што користеле е-услуги во општините, 69% дале позитивни оцени за брзината и леснотијата на користење. Најчесто користените е-услуги биле во областа на комуналните работи (33%), урбанизам (30%) и правни и општи работи (19%).



Повеќе од половина од испитаниците (47%) изјавиле дека нивната општина има фејсбук-страница, но само 20% од нив дека редовно се ажурира.

На прашањето во која област услугите на општината треба да се дигитализираат, 7% одговориле дека дигитализацијата треба да ги опфати сите области, додека 6% се изјасниле за катастарските и имотно-правните услуги, а по 5% за плаќањето даноци и издавањето лични документи.



(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот