X
 19.12.2022 Наша тема

Студентскиот дом во Охрид нуди сместување во центарот по ниски цени, во соби со сопствени тоалети, но потребно е реновирање на објектот

Студентите во домот плаќаат нешто повеќе од 60 евра месечно, што е пет пати поевтино отколку да се сметат во приватен стан, а добиваат и два оброка дневно, но бројот на студенти се намалува.

На само 70 метри од брегот на Охридското Езеро и на неколку минути пеш до центарот на градот е сместен Државниот студентски дом „Никола Карев“ во Охрид. Одлична локација за студенти со оглед на тоа дека во близина се факултетите. Пространиот објект со приземје и четири ката е стар близу шеесет години и потребно е реновирање. Има лик на одморалиште од времето на социјализмот, со мермерни подови, дрвенарија на ѕидовите на влезот, широка рецепција и трпезарија...

Но, за време на нашата посета сѐ беше чисто, просториите топли, собите светли и добро одржани. За разлика од другите државни студентски домови, овој има предност што студентските соби имаат свој тоалет и балкон.



Студентите се задоволни од храната

Студентите ни рекоа дека одлучиле да се сместат во домот поради добрата локација, добрата храна и ниските цени.

- Доаѓам од Дебар и задоволен сум овде, претходно никогаш не сум престојувал во интернат. Тука ме изненади добрата храна, условите се добри, пуштаат парно. Студирам информатички науки и техника на Универзитетот „Св. Апостол Павле“. На пет минути се езерото и плоштадот, сѐ ни е во близина. Се одлучив за студентски дом зашто најголемиот проблем ми беше храната, немам време да готвам, а тука јадењето е одлично - ни рече Џеваир Авмедовски, студент од Дебар.


Џеваир Авмедовски

Објектот е стар речиси 60 години, најавено е реновирање в година

Додека управата на домот, предводена од директорот Жарко Куциновски, очекува државата да го реновира објектот, за што е потпишан и договор со германската КW банка, во меѓувреме се обидува да го осовремени. Во просториите за дружба поставени се плазма-телевизори, во ресторанот видеобим, а низ целиот објект има безжичен интернет.



- Студентскиот дом постои од 1998 година, но објектот е изграден во 1964 година. Постоеше како депанданс на поранешниот хотел „Палас“. Нормално дека објект што работи толку години треба да се реновира. Со проектот за енергетска ефикасност на Владата за реновирање на студентските домови во Македонија е опфатен и нашиот дом. Реновирањето ќе почне во 2023 година. Ние сме влезени во првата фаза, па се надеваме дека в година ќе се започне со реновирање на целиот објект: покривната конструкција, поставување фотоволтаици, внатрешна и надворешна дограма, фасада, соби, кујната, ресторанот, канцелариските простории, комплетно сѐ - рече Куциновски.


Жарко Куциновски

За реновирање на домот потребни се 2 милиона евра, а зафатот ќе трае три години.

- Засега домот е во добра состојба. Тоа е еден вид хотелско сместување. Секоја соба е со сопствена бања и веце за разлика до други домови и тоа ни дава некаква предност. Немаме проблем со пренатрупаност зашто имаме помалку студенти. Собите се две, три и четирикреветни. Поставени се видеобим и телевизори во ресторанот и пред рецепцијата за им ги задоволиме потребите на студентите, да не бегаат по кафе-барови, туку да можат тука слободно да ги гледаат содржините што ги интересираат - додава директорот.



Пополнет само половина од капацитетот за студенти

Домот располага со 242 легла од кои искористени се 220. Во моментот се сместени 118 студенти, како и стотина ученици од Регионалниот средношколски центар „Ванчо Питошески“ од Охрид. Бројката на студенти е поголема од ланската, но далеку помала од пред десетина години.

- Дали е тоа резултат на економската криза во државата или на помалата заинтересираност на студентите, времето ќе покаже. Лани и годините претходно бројот на студенти беше помал. Но, ако споредиме со десет години наназад, бројката е минимална бидејќи некогаш овој дом функционираше и со 180 или 200 студенти. Меѓутоа, тие времиња се минати. Ова е последица на намалувањето на бројот на студенти во целата држава, а не само во Охрид. Знаеме дека има бран на иселување од државата и тоа се одразува и врз бројот на студенти - додава Куциновски.



Да се обезбеди студентско сместување по ниска цена во Охрид, кој е туристичка мека на Македонија, не е мала работа. Доколку изнајмат приватен стан, ќе треба да плаќаат по сто евра за сместување од студент и плус околу 200 евра режиски трошоци и храна месечно. Во домот плаќаат 3.895 денари, а државата им доплаќа 3.410 денари, или вкупно 7.305 денари. За оваа цена добиваат сместување, два оброка дневно, топла вода и греење. Топла вода имаат во периодот од 16 до 23 часот, по договор со студентите. Просториите се греат на парно, но на студентите им е кажано дека треба да се штеди, па не е дозволено да се приклучуваат електрични греалки.



Домот работи и комерцијално - слободните соби се изнајмуваат за туристи

Уште пред енергетската криза беа поставени ЛЕД-светилки, а низ ходниците светилки со сензори. Имаат заштеда на електрична енергија од 10 до 15 проценти.
Со ниските цени за сместување, домот нема да може да опстои доколку не работи комерцијално. Ја користи местоположбата, тоа што се наоѓа во Охрид, во центарот на градот, па нуди и сместување за туристи преку лето кога нема студенти, но и во текот на цела година доколку останат слободни соби. Комерцијалното сместување е исто така евтино и се движи од 500 денари за ноќевање до 1.100 денари полн пансион. Оваа година од 1 јануари до 15 октомври домот оствари околу 5.000 ноќевања, што е завидна бројка, според управата.



Покрај студенти од Македонија, во домот се сместени и странски студенти - од Летонија и Албанија кои ги стипендираат нивните држави. Во Охрид работи Универзитетот „Св. Апостол Павле“ со повеќе факултети и Факултетот за угостителство и туризам, а кои се под Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.



Директорот Куциновски, кој на оваа функција го тера вториот мандат, е меѓу иницијаторите овој месец во Белград, Србија, да се организира здружение на домови од Југоисточна Европа. Ќе се обединат средношколските и студентските домови од поранешна Југославија, Австрија, Турција, Бугарија, Унгарија со цел да можат заеднички да настапуваат со проекти пред европските фондови и да разменуваат искуства.




Фото: Жанета Здравковска
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема