X
 20.02.2023 Наша тема

Дојавите за бомби ги стресоа матурантите - се плашат дека ќе немаат време да се спремаат, а од МОН велат матура ќе се полага според календарот

Oткако поминаа две години следејќи настава пред компјутер, учениците се вратија во училишните клупи и продолжија со наставата, но не помина многу време и образовните институции станаа мета на лажни дојави за бомби од кои најпогодени беа учениците од средните училишта со голем број изгубени часови. Овој проблем трае веќе неколку месеци, а училиштата и учениците се постојано во неизвесност поради можните дојави за бомби, поради што и тешко успеваат да ги надополнат изгубените часови.

Најпогодени од целата ситуација со онлајн наставата и дојавите за бомби се матурантите, кои губат голем дел од наставата што е предвидена во државните матурски испити. Поради тоа, во некои училишта наставата се приспособува согласно нивните потреби, или пак изгубените часови се надополнуваат онлајн. Низ школските ходници веќе се шушка дека матурантите ќе бараат укинување на матурата, но од Министерството за образование и наука велат дека тоа нема да се случи, а во Државниот испитен центар истакнуваат дека се подготвува испитниот материјал за матурата.

Директорот на скопската гимназија „Орце Николов“, Митко Димовски, потврди дека тие се соочуваат со тешкотии во однос на надополнувањето на изгубените часови, но ги следат насоките.

- Она што можам да го кажам е дека изгубените часови со многу тешкотии успеваме да ги надополниме. Ние ги следиме насоките на МОН како надлежна институција - вели тој.

Матурантите, во меѓувреме, велат дека дојавите им создаваат стрес бидејќи не се сигурни колку ќе можат да се подготват за полагањето.

- Дојавите дефинитивно ни пречат во подготвувањето за матура и има некој стрес кај повеќето од нас за тоа како ќе се подготвиме со оглед на случувањата. Не сум сигурна дали ќе имаме доволно време за да се подготвиме како што треба за полагање матура. Моментално само по еден предмет се спремаме за матура, не сме се договориле за дополнителни часови со професорите од интерните предмети и проектните сè уште ги подготвуваме - вели една матурантка.

Таа смета дека матурата треба да се одложи за август.

- Според мене, матурата треба да се одложи за август иако мојата ситуација е специфична, мене би ми биле од голема корист оценките од матура бидејќи ми требаат за уписи во странство - вели матурантката.

 

Сепак, од Министерството за образование и наука за Факултети.мк потенцираат дека матурата ќе се реализира според календарот. Според нив, директорите на училиштата се одговорни за организирање на надополнувањето на изгубените часови и, велат, најголем дел од нив веќе го оствариле тоа.

- Согласно законските прописи, директорите на училиштата се надлежни за организирање на наставата и имаат обврска за надоместување на нереализираната наставна материја поради дојавите за наводно поставени бомби. Според информациите добиени од комуникацијата со директорите на училиштата, најголем дел од нив веќе го оствариле тоа. Така што, не се планира укинување на матурата, односно процесот вообичаено ќе се реализира согласно Календарот за организација на работата на јавните средни училишта во учебната 2022-2023 година - велат од МОН.

 

Истовремено, од Државниот испитен центар велат дека го подготвуваат испитниот материјал согласно испитните програми и дека ги имаат предвид новонастанатите ситуации во нивниот процес на подготовка. Оттаму најавуваат нови испитни програми по македонски јазик и литература, математика, народно пеење и стручните изборни предмети од стручното образование.

- Испитниот материјал за испитите од државната матура се подготвува согласно испитните програми. За секој испит во рамките на државната матура постои официјална испитна програма, потпишана од министерот за образование и наука. Во неа се опфатени избор на содржини од прва до четврта година по соодветниот предмет, односно не се опфатени сите содржини од наставните програми. За оваа учебна година има нови испитни програми по македонски јазик и литература, математика, народно пеење и стручните изборни предмети од стручното образование. Сите други испити ќе се реализираат согласно скратените испитни програми од претходните години - вели д-р Бети Ламева од ДИЦ.

Таа додава дека согласно законот, Бирото за развој на образованието е надлежна институција за изработка на испитните програми, а Државниот испитен центар за подготовка на испитниот материјал согласно тие испитни програми, како и организација, спроведување, оценување, обработка на податоци, објавување резултати и постапување по проговори.

- Напоменуваме дека испитните комисии што го изготвуваат испитниот материјал за екстерните предмети во рамките на државната матура ги имаат предвид случувањата во училиштата во изминатиот период. Во врска со измените за испитите на крајот на средното образование, тоа ќе се регулира со новиот Закон за средно образование, но секако ако има промени, учениците уште во прва година ќе бидат известени. Доколку има каква било промена при реализацијата на екстерните испити од државната матура, училиштата благовремено ќе бидат известени - истакнува Ламева.

Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема