X
 20.07.2020 Живот

Повелба на Александар Македонски

Според одредени записи, најголемиот војсководец и освојувач на сите времиња, Александар Велики, е роден на 20/21 јули 356 година пр.н.е. во Пела.

Во негова чест ја објавуваме прекрасната „Повелба на Александар Македонски“ од Анте Поповски. 


Повелба на Александар Македонски

1.
Повелба е ова што го говорам:
Не ве водам во неа, туку ве изведувам од историјата
зашто ја мразам неа.
Степите на Азија ќе ви бидат
романтичен предел за прошетка.
Студ од коските ќе ви се цеди,
туѓите војски ќе ги гледате
како живи созданија без душа.
На ништо нема да се сеќавате.
Сè потоа што ќе доаѓа - ќе се сеќава
и ќе сака да прилега на вас и мртви:
исправени,
со кратка смрт
и во очите со отсјај
на оној студен меч
што ве раздели од татковината.
Вашите ребра ќе го означат неопходниот врв
според кој ќе се распознава
македонската могила во Азија
над која не месечината на Борхес
- туку сонцето ќе биде ваш заеднички епитаф.
Во татковината ќе се враќаме
според трагите на коските што ги оставаме...
Повелба е тоа што го говорам.

2.
Ги построи своите војници -
штитови посјајни од оган,
мечови што болскаа наспроти морето,
им го раздели сето богатство на Македонија,
го зеде мечот во десната,
левата ја крена кон небото
и тргна во походи.
- Ти подели сè, а за себе што остави, Велики?
- Надежта!
Со неа ќе ја откријам лирата со која Ахилес
им пееше на своите војници:
со неа просторите ќе ги заробам во време
и како граница меѓу столетијата
ќе ја оставам својата надеж
во која - сè понатаму ќе се пресоздава и множи;
со неа јас ќе одминувам и ќе се враќам
во ѕвездите; необјаснивите знаци
на бурите и на пустошот, низ надежта
ќе ги пресоздадам во тајнопис
кој како жесток призив:
мртвите ќе ги гледа живи-живите мртви
а татковината во мртвите
ќе чита свое спасоносно писмо

3.
Шаторот му го распослаа крај Иса,
под стар даб,
кај што се насетуваа
далечни пештерски ветрови и од каде што
убаво се гледаше
живите со денови
како ги собираа мртвите и ги закопуваа
на гробиштата спроти него.
- Тука не сме безбедни, Александре Велики,
на отворено сме и пусто,
местото е без плодови, без бадеми и сенки?
- А во овој пустош и во овој отворен предел
смртта не ги изнајде јунаците?
И ние не сме живи?
Сонцето ќе им биде заедничка чинија плод,
бедем ќе им бидеме ние, живите,
а сенка тие и немаат
зашто самите се светлина.
Сонцето не минува низ живите...

Анте Поповски

Насловна фотографија: Wikipedia

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот