X
 20.09.2023 Живот

Приказна за преживувањето и неоткажувањето, дури и откако биле прогласени за мртви: 72 дена кошмар на врвот на Андите

На 13 октомври 1972 година се случила една од најдраматичните воздушни катастрофи, а преживеаните чекале 72 дена во снегот за да бидат спасени. Во меѓувреме, тие морале да го направат незамисливото - да го јадат месото на своите најблиски за да преживеат.

Претседателот на рагби-клубот „Стари христијани“, Даниел Хуан, ангажирал авион на уругвајската борбена авијација кој требало да го пренесе неговиот аматерски тим во главниот град на Чиле. Авионот, пилотиран од полковникот Хулио Ферадас и копилотот потполковник Данте Лагурара, превезувал 40 патници - 19 члена на рагби-тимот заедно со нивните семејства и пријатели и пет члена на екипажот.

Авионот полетал од аеродромот во Монтевидео на 12 октомври за Сантијаго, Чиле. Меѓутоа, лошите временски услови ги натерале пилотите да го променат планот на летот, па морале да слетаат на аеродромот „Мендоза“ во Аргентина. Следниот ден временската прогноза не се подобрила, но двајцата пилоти сепак решиле да полетаат. Иако станувало збор за кратко патување, летот 571 имал проблеми бидејќи барал брзо искачување за да се надмине висината на планинскиот венец Андите и откако ќе се надмине, брзо спуштање до пистата.

Лоша процена


Временските услови не дозволувале да се види ништо друго освен облаци, а бидејќи пилотите во еден момент мислеле дека ги поминале високите врвови на Андите, почнале да се спуштаат. Набрзо сфатиле дека летаат на само неколку метри над огромните и назабени врвови покриени со снег. Авионот се урнал во доцните попладневни часови.

При ударот авионот се поделил на половина, опашката заедно со патниците кои седеле во тој дел од авионот била фрлена на стотици метри. Сите што седеле во тој дел од авионот загинале. Предниот дел на авионот се лизнал со полна брзина по ледената планина, а потоа нагло запрел.

Првата ноќ на отворено (кога загинале уште четири лица), преживеаните морале да издржат температури од -30 степени. Екстремниот студ, паниката, болката, дезориентацијата, труповите во авионот и плачот на повредените ја отсликуваат ситуацијата со која преживеаните морале да се соочат во следните 72 дена.

Како што минувале деновите, снемувало храна, а за да ја згаснат жедта, морале да го стопат снегот. Она што ја одржувало групата во живот во раните денови била нивната способност да се организираат и нивната решеност да работат заедно. Секој од нив исполнувал специфична задача: Рој Харли бил задолжен за комуникациите, Густаво Зербино беше задолжен за здравјето, а Хозе Инкиарте раскажувал приказни за да го одржи духот.

Опкружени со врвови покриени со снег, во област без трага од животински или растителен живот, трупот на нивниот авион бил бел, што уште повеќе ја отежнувало потрагата. Во два наврати виделе авион како лета над нив - а во една пригода поверувале дека ги лоцирале. Воодушевени, потрошиле дел од малкуте резерви што ги имале, мислејќи дека ќе бидат спасени следниот ден. Но, кога конечно сфатиле дека никој не ги видел, не дозволиле да ја изгубат надежта.

nesreka
Фото: Wikimedia Commons

Со секој поминат ден храната станувала оскудна, а преживеаните биле сè послаби и послаби.

Дилема со која никој не верувал дека ќе се соочат

Конечно, десеттиот ден донел пресврт во животот на преживеаните. Имајќи само една цел на ум, некој предложил  опција - за да го добијат потребниот протеин, да почнат да ги јадат труповите на своите пријатели и семејството.

Сите биле католици и таа одлука ги натерала да се соочат со длабока и тешка дилема. Во едно интервју Рој Харли се сеќава: - Моравме да ја донесеме таа одлука и ја донесовме; беше прифатена многу брзо од целата група. Склучивме пакт - ако некој умре, телото е достапно за групата.

Убедени дека благодарение на оваа драматична одлука можат да преживеат додека не ги пронајдат спасувачките тимови, ослабените преживеани лица решиле да почнат да сечат тенки парчиња месо, маснотии или мускули од телата на починатите. Почнале со екипажот, но кога сфатиле дека тоа нема да биде доволно, решиле да го направат тоа и со своите најблиски.

Колку и да било непријатно, тие се убедиле дека тоа е единствениот начин да се извлечат живи од таа страшна ситуација. Сепак, нивните надежи биле уништени на 23 октомври, кога на радио слушнале дека потрагата е прекината и дека ќе биде обновена на крајот од јануари за да се пронајдат остатоците од авионот и безживотните тела на патниците.

Оттогаш, тие ја чувале само најдобрата облека и најдобрите оброци за оние што оделе во потрага. Лошата судбина не застанала, па ноќта на 29 октомври лавина го затрупала она што останало од авионот - трупот на авионот се наполнил со снег, а осумте преживеани загинале на самото место. Останале само 19.

Крај на кошмарот

На 12 декември Фернандо Парадо, Роберто Канеса и Антонио Хозе Бранди тргнале во потрага.

- Слушањето дека те прогласиле за мртов, дека повеќе не си таму и дека светот продолжува без тебе, ја отстранува дилемата дали да чекаш спас или да излезеш во потрага - се сеќава тој. Бранди се вратил во авионот три дена подоцна, а другите двајца решиле да продолжат по секоја цена.

По десетдневно планинарење, искачување на врвови високи над 4.500 метри и пешачење којзнае колку километри во ужасни услови и речиси без храна, двајцата млади луѓе конечно здогледале човек на коњ. Токму Серхио Каталон ги однел на својата маска до фармата каде што ги чекале спасувачките екипи.

Другите 16 преживеани, кои чекале да се вратат нивните придружници, биле „залепени“ на радио со денови, не правејќи ништо друго освен вклучување на станиците за да дознаат дали експедицијата била успешна. На десеттиот ден по нивното заминување, низ брановите ги слушнале имињата на Парадо и Канеса, па конечно пристигнале спасувачките хеликоптери.

Извор: National Geographic
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот