X
 21.01.2023 Култура

Орвел: Целта на војната секогаш е иста - да се биде во подобра положба заради водење на следната војна

Во продолжение ви претставуваме неколку мисли од култната книга „1984“ од англискиот романописец, есеист, новинар и критичар Џорџ Орвел.

- Во центрите на цивилизацијата војната не значи ништо друго освен постојан недостиг на стока за широка потрошувачка и понекоја експлозија на ракетни бомби што евентуално може да предизвика смрт на десетина луѓе.

- Целта на војната секогаш е иста - да се биде во подобра положба заради водење на следната војна.

- Првобитната цел на модерното војување е да се потрошат производите на машините, а притоа да не се зголеми општиот животен стандард.

- Секое индустриски заостанато општество војнички е беспомошно и не може, а да не потпадне под доминација, директна или индиректна, на неговите индустриски развиени соперници.

- Суштината на војната е уништувањето, не толку на човечките животи, туку на производите на човечката работа. Со војната се разбиваат на парчиња, се растураат во стратосферата или се потопуваат во длабочината на морето материјалните добра кои инаку би можеле да се употребат за да се создаде на подолг рок удобен живот и оттука луѓето да станат попаметни. Производството на воениот материјал, дури и кога тој не се уништува, сè уште претставува погоден начин за трошење на работната сила на производство на работи кои не можат да се потрошат. Една пловечка тврдина, на пример, содржи толку работна сила колку што би била потребна да се изградат стотина товарни бродови. Таа на крајот се фрла како старо железо, со тоа што никому не му донела никаква материјална корист, а потоа со голем труд се гради нова. Во принцип, военото производство секогаш се планира така што го апсорбира секој вишок што може да преостане откако ќе се подмират најосновните потреби на населението. Во практика секогаш се проценува дека потребите на населението се помали отколку што всушност се, што доведува до хронично исчезнување на половина од животните потреби; но тоа се смета за корисно.
Промислено се води политика во која дури и групите што се фаворизирани се одржуваат на работ на сиромаштијата бидејќи состојбата на општата немаштија го зголемува значењето на малите привилегии и така ги зголемува разликите меѓу групите.

- Кога војната е непрекинлива, не постојат воени потреби. Техничкиот напредок може да се забави, а најопипливите факти да се негираат или занемарат.

- Во споредба со денешната, сите тирании познати во историјата биле меки и неефикасни. Владејачките групи секогаш во извесна мера биле заразени со либерални идеи и насекаде ги оставале работите недовршени, обрнувале внимание само на она што го правеле нивните поданици, без интерес за она што го мислеле. Според современите мерила, дури и средновековната католичка црква била потолерантна установа. Причината била и тоа што во минатото ниту една влада немала моќ постојано да ги надгледува своите граѓани. Пронаоѓањето на печатницата го олеснило манипулирањето со јавното мислење, а филмот и радиото го одвеле тој процес уште подалеку. Со развојот на телевизијата и со техничкиот напредок, кој овозможил еден ист инструмент да може истовремено да прима и да испраќа, дошло до крај на приватниот живот. Секој граѓанин или пак секој граѓанин доволно важен за да се набљудува, можело 24 часа дневно да биде под контрола на полицијата и под звучниот наплив на пропагандата, додека сите останати патишта на комуникација му биле затворени. За прв пат се појавила реална можност да се изнуди не само целосна покорност кон државата, туку и целосна еднообразност на мислењето за сите прашања.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура