X
 21.03.2022 Наука

Северниот и Јужниот Пол се топат во исто време. Температурите се десетици степени над просекот

На Јужниот и на Северниот Пол истовремено се забележуваат екстремно високи температури - делови од Антарктикот се повеќе од 40 степени потопли од просекот, а подрачјето на Арктикот повеќе од 30 степени.

Метеоролошките станици на Антарктикот во петокот забележаа рекордни температури додека регионот се приближува кон есента. На станицата Конкордија биле измерени 12,2 степени под нулата, што е 40 за степени потопло од просекот, додека на повисоката станица Восток се забележани 17,7 степени под нулата, со што е надминат рекордот за околу 15 Целзиусови степени, напиша на „Твитер“ Максимилијано Херера, кој ги следи екстремните временски услови.

Температурата на крајбрежната база Тера Нова била 7 степени. Службениците од Националниот центар за следење на снегот и ледот во Болдер, Колорадо, биле изненадени од новите податоци бидејќи ја следеле ситуацијата на Арктикот, каде што било неверојатни 30 степени потопло од просекот, додека подрачјата блиску до Северниот Пол биле близу точка на топење, што е многу невообичаено за средината на март, изјавил научникот Волт Мејер.

- Тоа се спротивни сезони. Не сме виделе Северниот и Јужниот Пол да се топат во исто време. Тоа дефинитивно е невообичаено и прилично неверојатно - истакнал Мејер.

Научникот Тед Скамбос од Универзитетот „Колорадо“, кој неодамна бил на експедиција на Антарктикот, вели дека никогаш не видел вакво нешто на континентот.

- Не е добро кога се случува такво нешто - предупредува Метју Лазара, метеоролог на Универзитетот во Висконсин.

Тој ги следи температурите на истокот на Антарктикот, каде што биле измерени -10 степени. Вообичаената температура во тоа подрачје е -43 степени.

- Тоа се температури кои би требало да ги има во јануари, а не во март. Во јануари таму е лето. Тоа е драматично - вели Лазара.

Лазара и Мејер велат дека ситуацијата на Антарктикот веројатно е резултат на редок временски феномен, а не знак за климатски промени. Сепак, предупредуваат дека ако тоа се повтори или се случува често, тогаш можеби треба да се загрижиме дека би можело да е дел од глобалното затоплување.

Целиот Антарктик во петокот беше 4,8 степени потопол од просечната температура забележана меѓу 1979 и 2000 година, покажуваат податоците на Универзитетот во Мејн, засновани на временските модели на американската Национална управа за океани и атмосфера.

- Повисоките температури, заедно со зголемениот притисок, се невообичаени. Тоа е како САД да се четири степени потопли од вообичаено - објаснува Мејер.

Истовремено, целиот Арктик во петокот бил 3,3 степени потопол од просекот измерен од 1979 до 2000 година. Колку за споредба, светот вкупно бил само 0,6 степени над просекот.

Загревањето на Антарктикот е уште почудно кога ќе се земе предвид фактот дека температурите на тој континент не се зголемуваа многу, особено во споредба со остатокот од светот, вели Мејер.

Тој објаснува дека „големата атмосферска струја“ веројатно донела топол и влажен воздух јужно од Пацификот.

А на Антарктикот, кој се загрева два до трипати побрзо од остатокот од светот и се смета дека е најранлив на климатските промени, топлиот атлантски воздух доаѓа северно од бреговите на Гренланд.

Извор: Buka
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука