X
 24.01.2019 Економија

Ова е новата ветена земја за челниците на светските компании

Индија е новата „ветена земја“ за работа. Тоа е заклучокот што може да се изведе од годишното истражување на консултантската куќа „PwC“, спроведено меѓу повеќе од 1.300 претседатели на управи на компании низ светот. Резултатите се објавени на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос.

Истражувањето покажало дека САД и Кина и понатаму се водечки пазари за директорите на светските компании. Сепак, популарноста на овие две земји е значително опадната во споредба со минатогодишното истражување. Додека минатата година САД беа пазар број еден за ширење на работата, во овогодишното истражување најмоќната земја во светот зелено светло добила од само 27 отсто од директорите. Сличен е и случајот со Кина. Најмногубројната нација во светот минатата година била најпривлечен пазар за 33 отсто од испитаниците, а оваа година за само 24 отсто, покажува истражувањето.

Главната причина за падот на привлечноста на американскиот и кинескиот пазар во очите на директорите очигледно лежи во трговските војни.

Од друга страна, Индија оваа година, како што е наведено во истражувањето, е ѕвезда во подем. Јужноазискиот гигант, како што истакнуваат од „PwC“, веќе ја престигнал Кина како најбрзорастечка економија во светот.

За разлика од минатите години, годинешното истражување е песимистичко. Трговските војни, политичката нестабилност и геополитичката напнатост доминираат во размислувањата на директорите. Околу 30 отсто од лидерите од бизнис-светот сметаат дека глобалниот раст ќе забави во текот на следните 12 месеци, што е дури шестпати повеќе од минатата година, кога само 5 отсто од директорите очекуваа забавување.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија