X
 24.10.2023 Политика

Американски компании несвесно вработуваат илјадници работници од Северна Кореја

Програмата за развој на балистички ракети на Северна Кореја е делумно финансирана од американски компании, се наведува во нов извештај на ФБИ и американското Министерство за правда. Тие компании несвесно и индиректно ја финансираат таа програма со тоа што ги исплаќаат платите на илјадници вработени од Северна Кореја кои ги вработиле без да бидат свесни дека се луѓе од таа земја бидејќи користат лажни документи.

Специјалниот агент на ФБИ, Џеј Гринберг, коментира дека секој што вработувал ИТ-професионалци на хонорар повеќе од веројатно вработувал и севернокорејски работници, меѓу другите. Освен во американски компании, ФБИ предупредува дека севернокорејски ИТ-експерти се вработени и во технолошки компании во други земји, а станува збор за илјадници луѓе.

Тие, исто така, нагласуваат дека компаниите треба да преземат одредени чекори при вработување луѓе кои ќе работат на далечина или оние што ќе работат за нив преку некои партнерски компании и советуваат дека мора да се прават интервјуа преку видео.

Американскиот јавен обвинител Сејлер А. Флеминг издаде слично предупредување. Како што вели тој, соработувајќи со севернокорејските вработени, американските компании не само што би можеле да ја финансираат севернокорејската програма за оружје, туку ситуацијата би можеле да ја искористат и хакери кои би можеле да добијат чувствителни податоци.

Во последниве години ФБИ предупредува дека Ким Џонг-ун става голем фокус на образованието и обуката на вработените во ИТ-секторот, а обидите да се вработат луѓе од Северна Кореја во САД со лажни идентитети и други државјанства веќе биле забележани минатата година. Владата на оваа затворена земја распореди илјадници такви вработени со напредни ИТ-вештини во земји како Кина и Русија за да ги измамат компаниите од САД и други земји. Притоа користеле различни методи за да изгледа дека работат од САД, на пример, им плаќале на Американците да ја користат нивната интернет-мрежа.

Како резултат на нивната работа во американски и други компании, заработиле милиони долари кои ги канализирале во програмата за оружје, во некои случаи дури се инфилтрирале и во компјутерските мрежи и краделе податоци од компаниите што ги вработувале, а имало и случаи каде што оставиле отворен пристап за идни напади и хакирање.

Овие плати се само капка во морето на финансирање на севернокорејското оружје, а меѓу другото, програмата за оружје се финансира со разни кражби на виртуелни и криптовалути. Според претпоставките на експертите, минатата година вредноста на таквите кражби била меѓу 630 милиони и 1 милијарда долари.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика