X
 26.04.2023 Наша тема

ИАЕСТЕ овозможува студентска пракса во над 80 држави низ светот, вели Петар Касапинов, претседател на организацијата

Има можности за одење во држави во речиси цела Европа, Азија, Јужна и Северна Америка, и неколку држави во Африка. Светската мрежа од година на година се менува и расте, а сега се вклучени околу 80 држави. Во комитетот во Македонија вообичаено е да имаме 60-70 размени на студенти со другите држави, вели Петар Касапинов, претседател на ИАЕСТЕ Македонија, независна, невладина, неполитичка, волонтерска и студентска организација која овозможува размена на студенти од техничките факултети за извршување стручна пракса во интервју за Факултети.мк.

Како човек што почнал во ИАЕСТЕ, првин како студент кој барал надградување преку пракса, па подоцна и напредувајќи во организацијата до национален претседател, што првично видовте во оваа организација за да се зачлените и објаснете како преку неа се стекнавте со нови искуства, вештини и сл. и како течеше Вашиот напредок?

- Како млад студент бев инспириран кога слушнав за ИАЕСТЕ, односно за можноста дека преку оваа организација може да се отиде на стручна платена пракса во странство, како и да се учествува на повеќе конференции, обуки и настани на интернационално и национално ниво, за подобрување на професионални вештини. Преку ИАЕСТЕ успеав да извршам 2 пракси - една remote за Queen’s University of Belfast, друга за иновативна фирма во Истанбул што се занимава со 3Д-дизајн на држачи за лица со искривен 'рбет и скршени екстремитети. Успеав и да отидам на различни конференции за меки вештини, да бидам говорник за организацијата на повеќе презентации, да остварам контакт со компании и колеги во и надвор од Македонија, да склопам голем број пријателства со другите членови, воедно и да стекнам голем број вештини што не може да се стекнат преку факултетското образование.

Мојот прогрес во организацијата беше постепен и прогресивен. Првично бев само член, па станав координатор на наш настан Company Shutlle - каде што ги спојуваме македонските компании со студентите на УКИМ, потоа бев одговорен за човечки ресурси една година. Па бев избран за претседател на локалниот комитет во Скопје. А лани бев избран за претседател на националниот комитет и одговорен за финансии. Сите овие функции ми беа интересни и едукативни, но и до одреден степен предизвикувачки - вели Петар.



Што е тоа што ја прави оваа организација уникатна кај нас, за каков тип студенти е наменета и што можат студентите да очекуваат од неа доколку се зачленат, односно што се нуди?

- Не знам за друга организација во Македонија што им овозможува на студентите да отидат на стручна пракса во повеќе од 80 држави низ целиот свет, и тоа со поддршка и помош од локалниот комитет каде што ќе се извршува праксата. Главно е наменета за студенти од државните факултети, поточно за техничките факултети, иако има понуди за речиси сите сфери. Тоа што главно се нуди е одењето на ваква пракса, но нешто што барем за мене е позначајно е искуството што ќе се стекне преку активирање во ИАЕСТЕ - развој на комуникациски, организациски, лидерски вештини, како и работење во тимови - споделува Петар.

Во кои земји ИАЕСТЕ обезбедува пракса за студентите и во овие 30 години постоење дали се води статистика колку  студенти годишно поминуваат низ оваа организација?

- Има можности за одење во држави во речиси цела Европа, Азија, Јужна и Северна Америка, и неколку држави во Африка. Светската мрежа од година на година се менува и расте, а сега околу 80 држави се вклучени. Во комитетот во Македонија вообичаено било да имаме 60-70 размени на студенти со другите држави. По пандемијата оваа бројка се намали - на околу 40 размени, но постепено се враќаме на стариот стандард. На светско ниво, со тоа што постои од 1948 година, се прават неколку илјади размени годишно - раскажува нашиот соговорник.



Доколку студент реши преку вас да отиде некаде на пракса, што и дали нешто му е покриено од аспект на трошоци, колку време трае праксата?

- Главниот концепт за праксите е, во најмала мера, да бидат покриени трошоците за сместување и животните трошоци за време на престојот, и тоа од страна на фирмите што соработуваат со ИАЕСТЕ. Оваа сума ќе зависи од стандардот на самата држава и град. Доколку не е исполнет овој услов, не се ни објавува таква понуда за студентите. Некои пракси се со повисоки плати од овој минимум, во зависност од барањата на понудата. Времетраењето може да се движи од еден месец до една година. Времетраењето е однапред дефинирано при самото аплицирање на студентот - раскажува Петар.

Познато е дека на факултетите
кај нас праксата сѐ уште не е доволно застапена. Каква е вашата соработка со факултетите тука и дали ви се обраќаат за посредување при пракса на нивни студенти или студентите самостојно си аплицираат?

- Главно студентите самостојно си аплицираат доколку слушнале и се заинтересирани за ИАЕСТЕ пракса. Неколку професори кои се запознаени со концептот или порано биле членови во ИАЕСТЕ често им споменуваат на нивните студенти дека можат да аплицираат и да се зачленат во организацијата, па доста студенти се поттикнуваат на тој начин. Некој официјален начин на насочување на студентите на УКИМ кон нашите пракси нема, иако речиси сите факултети се запознаени со нас, па кога вршиме промоција на нашата организација и пракси, отворени се за соработка и помош - вели Петар.



Имаме голем одлив на студенти надвор од државата. На кој начин ИАЕСТЕ се обидува, ако воопшто има мотив за тоа, да ги мотивира студентите да се вратат тука и да го искористат потенцијалот во Македонија, пред сè, откако ќе поминат одреден период на пракса или слично надвор?

- За жал, немаме механизам преку кој ќе ги задржиме македонските студенти што отишле на пракса во странство. За голем број студенти ова и не претставува некаков голем проблем, конкретно за студентите што ќе отидат во „поегзотични“ земји како што се Бразил, Индија, Кенија, Шпанија и слични. Мал дел од студентите што аплицираат за западноевропските држави како Германија, Швајцарија, скандинавските држави и слично, доколку се покажат на нивната пракса, остварат контакти и имаат желба за живот надвор од Македонија, ќе се решат да останат таму. Ова не ни претставува големо задоволство, но на крај тоа е одлука на студентите - заклучува Петар.

Фото: приватна архива
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема