X
 26.10.2017 Образование

Искуството на еден наш студент: „Патувањето во Белгија беше најдобрата одлука во мојот живот“

1

Ова лето наместо да одам на пракса во фирма во Македонија, наместо одмор во Грција или во Охрид, јас избрав да отидам на пракса во друга држава. Мојот избор за Белгија беше сосем случаен, односно нешто од типот „Ова изгледа интересно, зошто да не“. Во моментот кога ја донесов оваа одлука сè уште не знаев што ме чека, но по неколку денa поминати таму сфатив дека сум донел една од најдобрите одлуки во мојот живот. За искуството што го стекнав додека ја извршував мојата пракса во Гент, овозможена од ИАЕСТЕ, би можел да напишам книга, но сепак тука би се задржал на најглавните работи што го обележаа мојот престој, раскажува Томе Кириази, студент во четврта година на Универзитетот „Св. Климент Охридски”.

2

Најпрво ќе ви раскажам за Гент и за Белгија. Првото нешто на кое уште долго ќе се сеќавам беше мојот прв лет, како и слетувањето на аеродромот во Брисел во 21 часот и мојата реакција дека надвор сè уште е сончево како да е 3 часот попладне во Македонија. Набрзо сфатив дека летните денови како да траат засекогаш - сонцето почнуваше да заоѓа по 22 часот. Интересни факти? Пред да отидам во Белгија сите ми кажуваа дека таму има добро чоколадо, вафли и пиво, а во тоа се уверив уште првото утро по моето пристигање. За Гент би рекол дека е најдобриот град во Белгија од сите места што имав можност да ги посетам во текот на мојот престој. Тоа што го прави подобар од другите е што претставува студентски град, а и на мое големо изненадување, фактот што велосипедот е главно превозно средство со кое можеш да стигнеш секаде за помалку од 20 минути.

Праксата ја извршував во start-up центар, кој работеше на развивање мобилна апликација што ги поврзува пациентите и докторите со цел да им се помогне на пациентите кои имаат направено операција на коленото или на реброто побрзо да закрепнат и да му се вратат на нормалниот живот. На работа секогаш ми беше пријатно времето што го поминував таму, бидејќи со мене имаше уште неколку практиканти на моја возраст, па секогаш имавме забавно поминати моменти во денот.

3

Покрај тоа што одев на пракса и научив нови работи, се запознав и со многу нови студенти од целиот свет, кои својата пракса ја извршуваа во Гент или во некое од локалните места. Запознав околу сто луѓе од Гент, другите околни ИАЕСТЕ комитети, како и од многу држави од светот (Србија, Хрватска, Австрија, Швајцарија, Кенија, Америка, Боливија, Кипар, Малта, Индија, Израел, Азербејџан, Шпанија, Канада, Тунис, Гана и уште од каде не). Скоро секој ден имаше организирани настани од страна на членовите на ИАЕСТЕ Гент, а секој викенд беше одреден за посета на некој град. Сепак, за мене како најинтересни ќе останат т.н. интернационални вечери, на кои секој практикант ја претставува својата земја преку презентација, традиционална храна, пијалак, музика, облека и танци. Покрај тоа што најмногу време престојував во Гент, ги посетив и Брисел, Антверп, Бриж, а исто така и Париз, Луксембург и Ротердам во соседните држави. Секој од овие градови ме воодушеви на посебен начин и не можам да издвојам каде си поминав поубаво. Настани што ми оставија најголем впечаток беа посетата на Ајфеловата кула, музејот „Лувр“, Атомиумот во Брисел и многу други познати градби во градовите што ги посетив. Сепак, посебни спомени ќе имам од надалеку познатиот фестивал во Гент, настан кој трае 2 недели и подразбира најразлични настани, концерти и перформанси на секој крај од градот, односно по наше „за сечиј вкус по нешто“. Покрај тоа, тука се и сите наши спонтани собиранки иницирани од „Каде вечер?“, на што најчест одговор беше „Ајде во Плато“. Плато е зграда која за некој е студентски дом каде што беа сместени поголем дел од практикантите, но за нас местото каде што се организираа националните вечери, сите собиранки и скоро сите запознавања со новодојдени практиканти. Или во една реченица: нашиот втор дом, од кој, со сигурност можам да кажам, произлегоа најдобрите спомени.

3 

Како најголемо искуство за мене ќе остане запознавањето на новите другари кои секогаш беа тука за да ми помогнат кога имав потреба и со кои поминав многу заеднички моменти. Како што одминуваа деновите, сè поблиску беше средината на септември, а бидејќи бев меѓу последните практиканти што останаа, можам да кажам дека ја имав најтешката задача - да им кажам „до видување“ на многу луѓе што пристигнале дури и неколку недели после мене. Го напуштив Гент, но со нов предизвик - повторна средба со сите мои нови пријатели.

На крајот сакам да им се заблагодарам на ИАЕСТЕ Македонија и на ИАЕСТЕ Белгија, кои ми го овозможија ова незаборавно искуство или најдоброто лето што сум го имал досега. И на сите студенти им препорачувам да станат членови на ИАЕСТЕ и да аплицираат на пракса во која било држава низ светот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование