X
 26.12.2019 Живот

Луѓето со самоубиствени мисли не сакаат да умрат. Тие само сакаат повеќе да не чувствуваат болка

Сигурно барем еднаш во животот сите имале самоубиствени мисли или сте познавале некој што се борел против таквите мисли. Секоја петта личност се бори против ментални заболувања. Тоа значи дека во секоја просторија една од пет личности поминува низ истото низ кое поминувате и вие.

На некој што никогаш немал самоубиствени мисли самата помисла на желбата да умрете може да му се чини бесмислено смешно. Сонцето сјае, постои шанса за нов ден, заљубени сте, појадокот ви беше прекрасен. Помислата на смртта се чини толку далечна. Нешто што припаѓа на далечна иднина. Што повеќе ви е потребно?

Но сите оние што се борат со исцрпувачки ментални заболувања, како депресијата, најголемиот од сите демони, знаат дека постои голем ризик од самоубиство. Ајде да го разјасниме тоа. Депресијата може да ве убие. Потребен ви е мозок да каснете нешто. Потребен ви е мозок за да се дружите со луѓето од работа или од училиште. Потребен ви е мозок за да го почувствувате топлиот воздух на сончевиот ден и да почувствувате олеснување. Потребен ви е мозок за да љубите и да ја чувствувате топлината на бакнежите по целото тело.

Но, депресивниот мозок често не го чувствува ова. Постојано се наоѓа во состојба на изолација во вашиот мозок. Повеќе не копнеете по задоволството. Едноставните задачи се чинат како најтешката обврска, а креветот ви е безбедно засолниште. Сонот постојано ве повикува, само да побегнете, макар накратко.

Кога ќе помислиме на некој што е суициден, се двоумиме и се обидуваме да излеземе од разговорот за тоа. Нè плаши. Реалноста на ситуацијата за нас е преголем залак, па затоа само ги одложуваме работите. Го правиме тоа бидејќи самоубиството го гледаме како крај на сè. Се случува, а потоа само ни преостанува да се прашуваме...

„Беше прекрасна“.
„Беше толку паметен“.
„Беше многу талентирана“.
„Беше одлична во спорт“.

Но, ништо од тоа нема да го спречи мозокот да се чувствува лошо.

1
Фото: Unsplash


Не е важно како изгледаме однадвор. Мозокот е благослов, но сепак може да биде ужасно незгоден кога станува збор за менталното здравје. Се соочувам со депресијата на дневна база, поминував низ драматично влошување на состојбата и од лично искуство можам да ви го кажам следното: суицидните луѓе всушност не сакаат да умрат, туку смртта ја гледаат како единствен излез од болката во која се заробени.

Суицидниот ум се чувствува заробено. Состојбата на вашата психа ве дави и се чини дека не постои никаков излез. Секој ден, цел ден, се борите со агонија и вознемиреност што истовремено ве плаши и турка. Чувствувате дека смртта е единствениот излез, а истовремено човекот во вас очајно сака да се бори и се држи за каква било трошка надеж. Се држи за животот.

Желбата за преживување, за напредување, е во човечката природа. Но, менталното заболување ве доведува до момент кога се чувствувате изолирани.

Менталното заболување може да биде битка. Битка на умот, битка со која, за жал, се борат премногу луѓе. Но, можам со сигурност да ви кажам дека смртта е последно, последно средство за секој што е самоубиствен. Ним им се чини дека ги исцрпиле сите други можности и дека ништо што се обиделе не успеало за да им го даде потребното олеснување. Тие мислат дека ѕидовите во умот ги држат заклучени некаде длабоко и дека не постои излез.

Сепак, она што е најважно е дека самоубиствените луѓе не сакаат да умрат. Тие очајно сакаат да живеат, но изгледа дека не можат да најдат начин да го сторат тоа. Ним им се чини дека ги исцрпеле сите можности и дека болката во која секојдневно живеат, стана премногу силна.

Многумина тврдат дека луѓето со суицидни мисли бараат само внимание или се кукавици. Но, депресијата е нешто реално, и ние навистина не треба да осудуваме некој што поминува низ нешто толку ужасно и осамено. Луѓето што имаат самоубиствени мисли не треба да бидат критикувани или омаловажувани затоа што имаат мисли какви што имаат.

Ако некогаш сте биле во таква ситуација, или ако сè уште сте во таква ситуација, дајте си признание за огромната моќ што ја имате како личност која успеала да стигне толку далеку. Пофалете се затоа што сте преживеале иако однатре само сакате да се распаднете. Честитајте си што успеавте да им одолеете на вашите мисли.

Знам дека сакате да живеете. И сакам да живеете и да ги инспирирате другите со вашата приказна. Сакам да бидете глас на сите оние што ги имаат овие мисли и сè уште се живи. Сакам да го надминете сето ова и да знаете дека и покрај тоа што страдате и покрај тоа што ви се чини дека сте на место од кое нема враќање, можете да се извлечете. Постои причина зошто сте тука и посилни сте поради сè што поминавте.

Преживеавте.

Употребете ја вашата приказна за да продолжите напред како личност. Употребете ја вашата приказна за да се потсетите дека сте силни и дека сте преживеале толку многу. Заслужувате пофалба бидејќи сте успеале да стигнете толку далеку, до овој момент, поради напредокот што сте го постигнале.

Сакам да знаете дека вашето срце кое чука е надежта што ја барате и дека смртта никако не е единствена опција. Погледнете до каде дојдовте и погледнете ги сите луѓе околу вас што ви даваат надеж. Знам дека не е лесно да поверувате дека смртта не е единствена опција. Верувајте ми, јас се наоѓам таму каде што вие веќе сте биле или сте сега. Но, вашиот живот е вреден бидејќи и понатаму сте тука и преживувате и секој ден сте сè посилни и сè подобри, дури и ако не го сфаќате тоа.

И понатаму сум тука со вас, па затоа не откажувајте се.

Автор: Саша Лепер
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот