X
 29.04.2016 Образование

Како да го подготвите телото за учење?

За побргу да се адаптираме на променливата околина во која живееме потребно е да научиме како да се подготвиме за учење. Овие методи на подготовка може да ги примените за било кој вид учење со кое сакате да го зголемите своето знаење, без разлика дали во прашање се испити или прости задачи. На тој начин побргу ќе ги апсорбирате информациите, но и поточно и поефикасно.

Добар сон

Често, проблемот не е во тоа што треба да учите или во тоа на кој начин учите, туку во тоа дека едноставно не сте спиеле доволно, па вашиот мозок не може да впие толку информации колку што му нудите. Добриот сон е задолжителен доколку сакате да научите повеќе информации. Некогаш не е доволно да се испие шолја кафе повеќе. Некогаш е подобро да се застане со учењето во текот на ноќта и да се добие добар сон наместо да се учи цела ноќ. Истражувањата откриле дека нашиот мозок за време на спиењето поминува низ процес на детоксикација. Кога не спиеме доволно, нашиот мозок е полн со токсини кои му оневозможуваат правилно функционирање.

Сепак, количеството сон зависи од организмот. За повеќето возрасни се препорачува 7-8 часа спиење, иако некому е потребно повеќе, а некому помалку. Доколку сте уморни пред 16 часот или 17 часот, веројатно не спиете доволно или спиете премногу.

Храна

Кога сте гладни вашиот мозок потешко апсорбира информации. Потешко е да се фокусирате на работите кога вашиот стомак е празен. Внесувајте доволно храна во текот на сите оброци и потрудете се повеќето од тоа да биде здрава храна. Брзата храна не му обезбедува на организмот доволно хранливи материи за правилно функционирање на организмот.

Вода

Вашиот организам најдобро функционира кога е добро хидриран. Кога не внесувате доволно вода, едноставно не можете да се концентрирате на она што го учите. Ова може да доведе и до главоболки. Количеството вода потребно за хидрација не е исто за секој организам. Некоја груба проценка е дека треба да се внесе околу осум чаши вода дневно (2 литри).

Вежбање

Сигурно веќе знаете дека вежбањето е добро за вашето здравје од повеќе причини, но дали сте знаеле дека вежбањето може да ви помогне и побргу да учите? Некои истражувања покажале дека лесните вежби за време на учењето може да го забрзаат учењето. На луѓето кои се навикнати да бидат физички активни им е тешко да седат долго време и да се фокусираат на учењето, така што за нив се препорачува вежбањето во текот на учењето.

Научете го мозокот да учи

Брзото учење е нешто за што мора да го тренирате мозокот. Зголемете го фокусот така ќе одредите време само за учење, за време на кое никој нема да ви пречи. Најважно е да го направите учењето забавно. На тој начин мозокот сам ќе се труди да учи, а вие нема да се заморувате толку. Најдобро е прво да започнете со предметите кои ги сакате, а кога вашиот мозок ќе се навикне на учењето, ќе можете да преминете на останатите предмети.

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование