X
 29.07.2021 Спорт

Екстремните временски услови во Токио влијаат врз учесниците на Олимпијадата

- Постојано сте дехидрирани, чувствувате тежина на своите рамена од големата топлина и високата влажност во воздухот. Не се чувствувате свои, ги чувствувате бавни своите нозе. Ова не е првпат да доживуваме тешки услови. Сепак, разговарав со неколку момчиња во соблекувалната и сите рекоа дека ова е нешто најтешко што искусиле - објаснил српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ за европските медиуми по првиот добиен меч на овогодишните Олимписки игри.

Тој не е единствениот спортист што тешко го поднесува топлинскиот бран кој го погоди Токио. Светлана Гамбоева, руска натпреварувачка во стрелаштво, се онесвестила за време на квалификациските натпревари поради високата влажност и топлината, открил нејзиниот тренер.




Медицинската асоцијација на Токио претходно изјавила дека сериозно се дебатирало за одржување на Игрите во јули и август дури и пред пандемијата, а група спортисти и научници зборуваат за опасноста на екстремните временски услови за спортистите во извештај од мај.

Последиците од климатските промени не ги погодуваат сите делови на светот со ист интензитет, а се чини дека Јапонија, особено Токио, се загрева многу побрзо од остатокот од планетата. Просечната годишна температура во Токио се зголемила за 2,86 Целзиусови степени во споредба со 1900 г., што е околу трипати побрзо во однос на брзината на растот на просечната температура на глобално ниво.

Во топлинскиот бран во 2018 г. во Токио животот го загубиле над 1.000 лица. Експертите претпоставуваат дека зголемувањето на температурата е последица на климатските промени, но и урбанизацијата на Токио, која го зголемува загревањето на градот поради недостиг на вегетација.



Според споменатиот извештај објавен во мај, најдобра температура за физичка активност е 11 Целзиусови степени, а како што се зголемуваат температурата и влажноста, така се влошуваат когнитивните и физичките способности на спортистите. Превисоките температури може негативно да влијаат врз мускулите и кардиоваскуларниот систем, па и врз настапот на спортистот, но и го загрозува неговото здравје.

Доколку глобалното загревање продолжи со истата брзина, во иднина ќе гледаме повеќе компликации во организацијата на Олимписките игри, но и на сите спортски натпревари.

Извор: National Geographic 
Фото: Wikipedia
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Спорт