На првиот ден од учебната 2026/2027 година, министерката за образование и наука Весна Јаневска го посети основното училиште „Киро Глигоров“ во Скопје, од каде што им посака среќен почеток и многу успеси на сите ученици, родители, наставници и стручни соработници во државата.
- Учете, затоа што знаењето е најголемата сила што можете да ја добиете. Тоа богатство никој не може да ви го одземе, а со него можете да направите многу добри работи. Можете да си ги остварите желбите и да стигнете до местата за кои сонувате, а сѐ што треба е да верувате во себе и секој ден да учите - рече министерката.
Побара од учениците никогаш да не избираат насилство како решение.
- Изберете да бидете пријатели со другите деца. Не исмевајте ги и помогнете им. Навредите, погрдните зборови и насилството не значат дека сте јаки. Напротив. Тие се знак на слабост. Ако некој е поинаков од вас, не значи дека треба да му се потсмевате или да го оттурнувате - нагласи Јаневска.
Обраќајќи се до родителите, апелираше да им посветат повеќе внимание на своите деца.
- Кога наставниците и семејството работат заедно на градење емпатични ученици, тогаш можеме да создадеме училишни средини каде што сите ќе се чувствуваат безбедно и прифатено. Родителите ни се најважните сојузници во напорите да изградиме генерации на млади кои ќе имаат доволно знаења и вештини за живот и работа во новото време. Највредното нешто што може да го добијат децата од родителите е нивната љубов и внимание. Кога домот е мирен и исполнет со топлина, децата безгрижно доаѓаат во училиште подготвени да стекнуваат се повеќе знаења. Само така можеме заедно, наставници и родители, да им пренесеме на децата вистински вредности - додаде Јаневска.
Министерството за образование и наука и Македонски Телеком во текот на училишната година ќе реализираат кампања за градење позитивна училишна средина и единство меѓу младите, насочена против врсничкото насилство. Кампањата, пред првиот училиштен час ја најавија министерката Јаневска и главниот извршен директор на телекомуникацискиот оператор, Горан Марковиќ.