X
 09.02.2026 Живот

Промена на начинот на финансирање на универзитетите со поголема контрола на трошењето - предвидува новиот Закон за високото образование

Министерството за образование и наука објави Известување за почеток на процесот за подготовка на предлог-закон за високото образование и целиот предлог-текст наскоро ќе се најде на националниот регистар на прописи ЕНЕР, каде што ќе може да се доставуваат и забелешки од заинтересираните страни.

Со овој закон треба да се уредат основните начела за вршење на дејностите на високото образование, автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите и надзорот над работата на високообразовните установи.

Законот треба да се изготви најдоцна до 26 февруари, по што ќе се најде пред пратениците во Собранието, односно ќе оди на комисиска расправа.

Најавени се јавни расправи за законот и работни групи формирани од МОН или Владата, како и состаноци со универзитетите и образовните организации.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на еден од брифинзите со новинарите откри неколку детали кои ќе се најдат во новиот предлог-закон за високото образование, кои треба да го подобрат квалитетот на наставата на факултетите за да се подигне позицијата на нашите универзитети на Шангајската ранг-листа.

Со новиот предлог-закон ќе се воведе и поинаков начин на финансирање на универзитетите затоа што ќе бидат должни да доставуваат петгодишен план за своите финансии, поделен по секоја година. Доколку еден универзитет оствари 75 проценти од предвиденото годишно трошење, ќе добие стимул од уште 20 проценти средства. И обратно, ако не го оствари планот за трошење, средствата ќе му бидат намалени за 20 проценти.

Во Универзитетскиот совет се планира да има и владини претставници кои треба да вршат увид во трошењето на средствата затоа што, според министерката Јаневска, Владата е таа која обезбедува простор, плати, опрема и субвенции за студентите и треба да знае како се трошат парите.

Ќе постои и т.н. „Ѕид на срамот“, за изработени дипломски и магистерски трудови со цел да се елиминира црниот пазар на трудови на кој може да се купи готов магистерски труд или докторат за 400 до 500 евра.

- Размислуваме да направиме една платформа која сега ја разработуваме и на која целосно ќе ги објавуваме магистерските и докторатите со рецензии и со потписи на професорите. Тоа би било нешто што се вика „Ѕид на срамот“ за докторати и магистериуми. Билтените на УКИМ, на Универзитетот „Гоце Делчев“ и другите никој не ги чита. А се зборува дека на разни универзитети и факултети поминуваат докторати и магистерски кои се на ниво на ученички трудови - рече министерката.

Тогаш кога ќе бидат објавени сите трудови, академската заедница ќе може да ги критикува тие што треба да бидат критикувани, а тие да може да се бранат.



Втората мерка што се планира е магистерските и докторските теми да одат на оглас кај студентите и професорите.

- Кај нас вообичаено менторот им ја нуди темата и им го нуди проектот на студентите. Добрите практики на големите универзитети велат дека Министерството за образование или други го објавуваат тоа што ѝ е потребно на земјата. На пример, во областа на медицината да се развие некој лек или во технологијата да се развие некој нов софтвер. Потоа, професорите и студентите конкурираат на тие теми - истакна Јаневска и додаде дека ќе се унапреди и платформата „Плагијати.мк“, која е многу стара.

Најголемата промена, која „Факултети.мк“ претходно ја објави, е враќањето на критериумите за избор во универзитетски звања, при што за редовните професори се воведува реизбор на секои седум години, а за менторите на секои пет години.
Универзитетските професори на секои седум години ќе одат на реизбор за да си ја задржат позицијата. Во спротивно, ќе им престане работниот однос и ќе мора да бараат друго работно место.

За веќе избраните редовни професори за кои нема ретроактивно да важи оваа измена, Законот предвидува друг механизам: тие ќе доставуваат извештаи до деканите дека менторирале постдипломски и докторски студии и дека биле вклучени во наставата и науката.

Шест научни труда, од кои четири треба да се со импакт фактор, ќе бидат услов за добивање звање редовен професор на некој од универзитетите, предвидува новината во Законот за високо образование.

Пет научни труда ќе бидат потребни и за доцент и вонреден професор, од кои три со импакт фактор, додека за асистент ќе биде потребно да се објават три труда во научни списанија.
Овие измени во Законот за високо образование треба да го вратат УКИМ на Шангајската листа со оглед на тоа дека за влез таму е потребно да се публикуваат 1.200 научни трудови со импакт фактор. Неофицијално, најголемиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“годишно продуцира од 300 до 400 труда со импакт фактор. 

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот