Децата кои се на подолго лекување на Клиниката за детски болести во Скопје, наскоро ќе почнат да следат основно образование во болнички услови.
Министерството за образование и наука со поддршка на министерството за здравство и граѓанската организација САНО, која им помага на децата кои боледуваат од канцерогени болести, воведува формално основно образование.
Направени се измени на законската и подзаконската регулатива и училиштата во кои учат децата кои се на лекување на Клиниката. Децата треба да бидат вклучени во онлајн настава од септември, а ќе можат да учат директно додека траат часовите на училиште или, пак, преку асинхрона комуникација: испорака на материјали на ученикот, задавање задачи и оценување на знаење.
Наставниците може да организираат и индивидуална настава за учениците кои се на лекување преку некоја дигитална алатка, но сето ова ќе зависи од здравствената состојба на детето.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, најави дека настава, освен за децата во болнички услови, ќе имаат и децата кои се на домашно лекување.
-Децата со канцер, покрај лекување во болница, се рехабилитираат во домашни услови. Наставникот определен за детето може да го посети во домот, доколку има услови и доколку дозволи здравствената состојба на детето, или онлајн да го совладуваат потребниот материјал. Покрај тоа што тие нема да ја изгубат годината, тие ќе бидат и мотивирани. Дали во клиника, дали во домашни услови или во центар за рехабилитација, наставата ќе се одвива, а со тоа и социјализацијата на овие деца - истакна Јаневска.
Ова решение го поздравија сите чинители во образовниот систем, но се поставија прашања дали овој начин на настава може да им овозможи и школување на децата кои живеат во зафрлени места, па мораат да патуваат до своите училишта или да пешачат.
Од пандемијата наваму се бележи тренд на враќање на граѓаните да живеат во село, односно да купуваат викенд-куќи за да ги избегнат градските средини. Но, нивните деца мораат да учат во некои од поголемите населби или градови кои имаат училишта.
Овие мали места повеќе немаат училишта и оваа опција со онлајн формално образование би им била предност, а би ги мотивирала и другите родители кои размислуваат за ваков начин на живот.
„Факултети.мк“ го праша МОН дали се размислува за овие опции и дали е можно да се спроведе реформа, но оттаму беа децидни дека не се размислува за онлајн настава.
-Примарен начин на организирање на наставата за основците и средношколците во Македонија е со физичко присуство во училница. Законската регулатива предвидува и алтернатива во јасно дефинирани ситуации и околности, односно кога може да се организира настава на далечина, вклучително и онлајн настава. Во моментов не се размислува за воведување на онлајн наставата како опција за целосно заокружување на задолжителното образование до 18 годишна возраст - одговорија од Министерството за образование и наука.
Во Македонија постојат училишта во кои има одделенија со по едно дете и наставници кои патуваат секојдневно за да им држат настава. Формалното образование, основно или средно, ако се одржува онлајн е далеку поевтина опција и за МОН, за наставниците и за родителите на уечниците.
Но, МОН не размислува засега да го промени начинот на одвивање на наставата за овие деца затоа што процесот на оптимизација на училишната мрежа е почнат. Со тој процес овие деца ќе се префрлат во централните училишта, а МОН ќе ги скрати трошоците за патување на наставниците.
-Поради значително намалување на бројот на ученици во изминатите години, потсетуваме дека за 7 години бројот на основци и средношколци е намален за 17 илјади, Министерството за образование и наука заедно со УНИЦЕФ, Светска банка и општините спроведува процес на оптимизација на училишната мрежа, што подразбира времено затворање на дел од подрачните објекти каде што нема или има многу мал број ученици и нивно префрлање во централните објекти. Секако дека доколку се промени состојбата во одредено место, училиштето може повторно да се отвори и да организира настава, што е надлежност на општините - велат од МОН.
Инаку, од септември образовните власти ќе се потрудат ваков вид настава да има и за ученици кои се рехабилитираат по повредите во пожарот во „Пулс“.
Според МОН, целта е децата кои се лекуваат на подолго време да немаат застој во воспитно-образовниот процес и по завршување на лекувањето, полесно да се ресоцијализираат, да се вратат во училиштето и меѓу другарчињата.
Во тек се обуки за ефективна работа на далечина на наставниците со овие деца.
Фотографии: Архива