X
 01.11.2025 Живот

Некои егзопланети веројатно сами си произведуваат вода

Некои планети изгледа дека произведуваат сопствена вода наместо да се потпираат на надворешни извори.

Во лабораториски експерименти истражувачите симулирале екстремни услови пронајдени во одредени егзопланети со експлодирање на оливин - минерал кој изобилува во внатрешноста на планетите (со високоенергетски ласери во присуство на водороден гас). Водородот ги отстранува минералите од нивните атоми на кислород, кои потоа реагираат со водородот за да формираат вода.

Откритието нуди одржливо објаснување за егзопланетите богати со вода кои орбитираат близу до нивните ѕвезди-домаќини, велат истражувачите. Процесот би можел дури и да го објасни потеклото на дел од водата на Земјата, додавајќи ново парче во долгогодишната мистерија.

Откриени се стотици егзопланети со големини и маси помеѓу Земјата и Нептун, од кои многу орбитираат многу поблиску до своите ѕвезди отколку што Земјата орбитира околу Сонцето. Нивните проценети густини сугерираат дека поседуваат карпести слоеви покриени со дебел слој вода или водород.

Сепак, не е јасно како овие планети би можеле да бидат толку богати со вода. Во Сончевиот Систем постои јасна поделба помеѓу планетите формирани од двете страни на таканаречената „снежна линија“ (во планетарната наука „снежната линија“ е минималното растојание од централната протоѕвезда од сончева маглина/небула, каде што температурата е доволно ниска за испарливите соединенија како што е водата да кондензираат во цврсти зрна). Внатре во таа линија водата е ретка и испарува. Венера е пример за тоа. Планетите формирани надвор од „снежната линија“, како Сатурн и Нептун, се богати со вода и гас.

Астрофизичарите мислеле дека водните егзопланети мора да се формираат далеку од нивната ѕвезда, а потоа да се движат кон внатре. Новата студија сугерира дека под соодветни услови, хемиските реакции помеѓу водородот и минералите можат да произведат вода локално.

Кога експериментот конечно успеал, научниците биле шокирани од количината на произведена вода.


- Зборуваме за многу вода, како илјадници пати повеќе вода отколку што се очекуваше за Земјата ако имате дебел слој водородна атмосфера - истакнале научниците.

Истражувачите сметаат дека овој процес на генерирање вода може да се случи на границата помеѓу карпестата внатрешност на планетата и нејзината гасовита водородна обвивка, каде што високите притисоци и температури можат да ја поттикнат реакцијата. Конечната содржина на вода на овие планети би можела да се движи од околу 5 до 28 проценти од масата на планетата, проценуваат тие.

Резултат на тоа би биле или масивни океански светови, два до пет пати поголеми од Земјата и покриени со длабок течен океан, или „хикеански“ светови, кои кријат океан прекриен со дебел слој водород.

Студијата придонесува за дебатата за погодноста за живот на ваквите светови, а овие резултати имаат импликации и за Земјата. Иако условите за висок притисок и висока температура неопходни за оваа реакција не постојат на денешната Земја, тие можеби постоеле за време на нејзиното формирање. Раната Земја со густа, богата со водород атмосфера можеби предизвикала слични реакции на формирање вода.

Извор: sciencenews.org

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот